Седницата на советот на Општина Битола беше неправилно прекината, точките што се изгласани до прекинот на седницата не се потпишани што е прекршок, а продолжението е со потребното мнозинство, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, прашан за тоа што утврди Државниот инспекторат по надзорот извршен во советот.
„Таму има неколку работи. Седницата е, како да речам, неправилно прекината. Точките што се изгласани до прекинот не се потпишани, што е прекршок. Продолжението е со потребно мнозинство и тие точки што се гласани со тоа мнозинство, ќе бидат, јас сега прејудицирам оти инспекторот носи одлука, ќе бидат потврдени. Има деловнички точки кои бараат квалификувано мнозинство кои не можат да бидат прифатени, ќе мора да бидат обновени. Но, во секој случај ќе направиме напор Советот да продолжи со работа и Општината да функционира нормално“, рече Пенов.












