На денешната прес-конференција на 58.МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, беа соопштени наградените, од кои 7 се за претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска на Македонскиот народен театар:Награда за рекламен материјал: Зоран Кардула, награда за кореографија и сценски движења: Александар Зарапчиев и Нина Деан, награда за сценографија: Илина Ангеловска, Тодор Дајевски, Зоја Бузалковска, награда за млад актер „Трајко Чоревски“, за улогата Љвов, Евгениј Константинович: Григор Јовановски, награда „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога на Павел Кирилич Лебедев оди во рацете на првенецот Ѓорѓи Јолевски, награда за главна женска улогата на Саша, ќерката на Лебедеви, ја доби Дарја Ризова, наградата за режија ја доби Зоја Бузалковска.

Претставата на Струмичкиот театар, „Црна дупка“ од Горан Стефановски, а во режија на битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски, ги доби следните три награди: награда за уметничко остварување на претстава во целина, што е, всушност, награда за најдобра претстава на Фестивалот. Награда за главна машка улога за актерот Васил Михаил за улогата на Силјан, награда за женска епизодна улога за актерката Анкица Бенинова за улогата на Сања во истата претстава.

Наградите беа доделени од страна на фестивалската жири-комисија во состав: Д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев–театарски критичар, авторка, драматург, професор по историја на светска драма и театар на Катедрата за теорија и историја на драмските уметности и анализи на драмското творештво на Катедрата за драматургија при Академијата за уметности при Универзитетот во Нови Сад, Д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ – стилистичарка и професор на Академијата за сценски
уметности и на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево, БиХ и Варја Ѓукиќ– актер, автор и директор на фестивалот „Одакле зовем“ – Подгорица, (2009).

Останатите награди на фестивалот отидоа кај: Награда за музика – Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија, награда за современа сценска драматизација и адаптација – „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје, награда за современ драмски текст не се доделува. Награда за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“- Театар „Јордан Хаџи Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија. Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.
„Сакаме да искажеме задоволство поради можноста да видиме разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија. Посебно сакаме да го нагласиме големиот број на актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите“, рече актерката Варја Ѓукиќ.

Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата – сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус.
Наградите ќе бидат врачени вечер на свеченото затворање на фестивалот во НУЦК „Марко Цепенков“, а во чест на наградените ќе настапат Добрила и Дориан дуо. Вечерва ќе биде соопштена и наградата од публика, што се воведе годинава, по пауза од повеќе години.












