Има доволно барање за работна сила, но најголем дел од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на потребите на пазарот на трудот, ова го соопшти вчера на прес конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, поради масовното иселување од земјата се појавува празнина на пазарот на трудот и тоа е проблем на целото општество.

-Од 2011 до 2019 година од нашата држава се иселиле 700.000 наши сограѓани или скоро секој четврт си отишол од државата. Иако тој тренд се намалил во периодот на ковид и понатаму, за жал тоа претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политики, туку и за целото општество, бидејќи се појавува една празнина на пазарот на трудот. Најверојатно во креирањето на политики како општество ќе мораме да отвориме една дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од нашето однесување досега. Ако видите дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина сè уште висок, но 93,4 отсто од невработените се функционално неписмени, или тоа значи дека нивните вештини не одговараат за пазарот на трудот. И конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мора да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку може да придонесе. Тоа значи преквалификација, менување на навики за работа, затоа што работа има, барање за работна сила има, но очигледно дека погрешните политики од претходните 30 години не дале резултат, т.е. произведувале работна сила која не одговара на пазарот на трудот“, кажа Битиќи.
Дополнително загрижувачки од извештај е тоа што процентот на тие коишто сега имигрираат за разлика од тие што имигрирале пред 20 или 25 години е со пообразовна структура, значи со високо образование наместо, како што било пред 25 или 30 години, каде што тие што имигрирале биле со пониско образование.
– Ова навистина е загрижувачки.. Треба да видиме како активно да ги вклучиме, не велам да ги вратиме, да ги вклучиме за да ја креираме иднината на нашите млади генерации, подвлече Битиќи.
На прашањето како се планира да се прави преквалификација, доквалификација на луѓето коишто недостасуваат, Битиќи одговори дека Агенцијата за вработување преку активните мерки за вработување и обуките што ги нуди ќе треба да ги понуди таму каде што навистина има недостаток на работна сила.
– Овде сме доволно вклучени во сегментот на дуално образование затоа што новата генерација којашто доаѓа на пазарот на трудот треба да ги има вештините коишто се бараат и јас сум навистина радосен што и приватниот сектор и странските донатори како и Владата прави доволно мерки за вклучување на младите во стручното образование и тоа ќе ја направи разликата, објасни вицепремиерот.
Во однос на фактот дека кај нас главниот проблем е недовербата во системот, недовербата во политиките, континуирано не само кон оваа, Битиќи посочи дека затоа заминуваат високо образовани луѓе, луѓето коишто немаат доверба во системот, но тоа е креирано во низа на години во овие 30 години.
– Не можете да креирате доверба во институциите за две, три или за пет години, кога константно 30 години е нарушен. Ако ги видите петте клучни причини, тие се причините коишто доаѓаат од недовербата во институциите. Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонел да дојде до ова, појасни вицепремиерот Битиќи.
Тој ги повика младите да се креира заедничка визија за новата иднина, заедно и со тие што отишле ама можат да придонесат, затоа што, како што кажа, тие знаат во каква земја би сакале да останат.












