ТЕРА

REKLAMA???

СЕМАКЕДОНСКА ИЛИНДЕНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

Во потпелистерското село Трново, по повод големиот македонски празник Илинден, по 52 пат се одржа традиционалната Семакедонска средба.

На средбата присуствуваа многу гости, Македонци од соседните, европските и прекуокеанските земји, а присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

„Денес на овој голем и многу значаен празник за македонската историја, повторно сме тука, во потпелистерското село Трново, Македонци од сите страни на светот, со јасна цел: достојно да го одбележиме минатото, но и преку сплотеност и заедништво, да продолжиме напред, кон зачувување на македонскиот идентитет и националната свест. Општина Битола, продолжува да биде поддржувач на манифестациите кои значат меѓусебно поврзување, поддршка, почит и соработка, токму како што е оваа наша Семакедонска Илинденска средба, која обединува два големи настани: 43 Пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 52 тата Светската Македонска Иселеничка Средба. На овој начин, продолжуваме да се грижиме за македонското културно и духовно богатство, материјалното наследство, пишаниот збор, уметноста, традицијата, обичаите, се она што го одликува нашето живеење и претставува симбол на непокорот на македонскиот народ.

Како што нашите предци во 1903 имаа визија и јасно се бореа за неа, за првата република на Балканот, како што со борбеност, истрајност и јасна цел преку Првото заседание на АСНОМ, беа поставени темелите на денешната држава, така ние, мора да продолжиме да бидеме творци на напредокот на Република Македонија. Нека ни е честит и вековит 2 Август, нека ни е вечен споменот за двата Илиндени. За многу години Илинден!“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.

Организатори на Семакедонската Средба се Меѓународната организација – Матица на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Пред присутните се обрати и Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженија.

„Годинава одбележуваме 75 години од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, 74 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, во која најголеми жртви беа Македонците и нивните деца. Голем број Македонци загинаа, а уште повеќе беа насилно прогонети. Не’ има на сите меридијани на земјината топка, далеку од своите родни огништа во Беломорскиот дел на Македонија. Остануваме посветени за трајно решение на македонското прашање и за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија: И од Балканските војни 1912-1913 и од таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година! За жал, Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година е продолжение на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, со неа се легализира окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ кој продолжува и денес! Бараме безусловно еднострано раскинување на Договорите со Атина и Софија и безусловно еднострано распуштање на комисиите со Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја! Бараме Софија и Атина да ги признаат Македонците, македонскиот јазик и државата Македонија! Ја отфрламе француско-бугарската Преговарачка рамка од 30 јуни 2022 година за членство на Македонија во Европската Унија, го отфрламе Протоколот од 17 јули 2022 година за спроведување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година“ рече меѓу другото Јаневски.

На средбата свое обраќање имаа и претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, владиката Петар, архимандрит Никодим Царкњас и други.

После обраќањата на присутните во официјалниот дел, Семакедонската средба продолжи со културно – уметничка програма.