Се зголемува бројот на згрижувачки семејства, како во нашата држава така и во Битола, вели психологот Јасминка Кочанковска од Центарот за згрижувачки семејства во Битола кој покрива 10 градови односно Пелагонискиот и Југозападниот дел од државата. Денеска 1 јуни е Денот на згрижувачките семејства.

„Денес сакам да им го честитам Денот на сите згрижувачки семејства во Македонија и да им оддадам почит од името на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Битола за нивната хуманост и за нивното големо срце, за згрижување на децата кои останале без родители или без родителска грижа. Минатогодишната кампања која што траеше исто така од почетокот на јуни па до крајот на годината и која беше во рамки на активностите на Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско село„ Подајте рака и станете згрижувач“ придонесе да се зголеми интересот и да в роди со плод. Бројот на згрижувачки семејства на ниво на цела држава се зголеми, а исто така се зголеми и во градовите кои се надлежност на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Битола, а тоа се 10 односно ние го покриваме Пелагонискиот и Југозападниот дел од државата. Може да се пофалиме дека бројот на згрижувачки семејства е 121 згрижувачко семејство, а згрижени се 160 деца/лица на кои тоа им е потребно. Бројот на згрижувачки семејства во Битола кога почнавме да работиме беше 3, а сега е дуплиран и стана 6. Така што сите тие мислења и предрасуди дека во Битола нема хумани луѓе, дека нема семејства кои ќе ги отворат нивните срца и домови гледаме дека не е точно“, рече Јасминка Кочанковска, психолог од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Битола.
Најголемиот број од згрижувачките семејства се наоѓаат во Македонски Брод ( 39) , Крушево ( 26) , Прилеп (22) и Кичево (14 ) , додека во помал број ги има во Охрид (8) , Струга (1), Демир Хисар(2), Дебар(2) , Ресен(1) и Битола (6).
Кочанковска со повик до граѓаните:
„Ги повикувам сите хумани луѓе кои знам дека ги има, не само во Битола туку и во цела Македонија да ги отворан нивните срца, да се охрабрат и да ги отворат нивните домови, затоа што сеуште во државата има деца/лица на кои тоа им е потребно.Затоа што знаеме колкаво е значењето и важноста децата да растат во семејна средина најблиска до биолошкото семејство. Затоа што основните работи грижа, безбедност, сигурност и љубов се незаменливи“,рече Кочанковска.
И оваа година активностите за поттикнување и зголемување на бројот на згрижувачки семејства продолжуваат и преку кампањата поддржана од УНИЦЕФ – Скопје и МТСП чија основна порака е „ На секое дете му треба семејство “ , а слоганот за оваа година е „Отворете го вашето срце и вашиот дом – Станете згрижувач !“.












