Се контролираат и боите за вапцање на јајца

0
309

Велигден е сè поблиску, а со него доаѓа и бојадисување на Велигденските јајца. Освен јајцата, чиј увоз деновиве, пред велигденските празници, подлежи на засилени контроли, интензивно се следат и производството и увозот на бои за јајца.

Во продавниците, но и на пазарите, секоја година пред Велигден има сè поголема понуда од бои и гелови за бојадисување јајца.

Постарите луѓе ја преферираат црвената боја која што е симбол на празникот, додека пак помладите експериментираат со повеќе бои и шарки. Меѓутоа секоја боја има своја симболика.

Потрошувачите најчесто купуваат таму каде што ќесичките со бои се најевтини, не обрнувајќи внимание на декларациите.

Несовесните продавачи, со желба за поголема заработка често купуваат техничка боја и ја препакуваат во кесички, кои подоцна ги продаваат како боја за јајца. А за купувачот да биде сигурен дека купил прехранбена, а не техничка боја којашто се употребува за бојадисување на ѕидови, на декларацијата мора да бидат испечатени ознаките од 100 до 180.

Прехранбените бои се прочистени, но затоа се и поскапи. Техничките и прехранбените бои имаат ист состав, но се разликуваат во застапеноста на микрокомпонентите во кои спаѓаат и тешки метали, а тоа се најчесто олово, кадмиум, жива и арсен. Најопасни се анилинските бои.

Досега не се евидентирани отстапувања во однос на безбедноста на увезените прехранбени бои, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство, но сепак тие апелираат граѓаните да купуваат боја за јајца исклучиво од регистрирани производители увозници, која е соодветно означена и декларирана.