Се намалуваат цените на лековите

0
217

Намалени се максималните цени на 336 генерички и 222 оригинаторни лекови. Намалувањето на максималните цени доведува и до намалување на големопродажните и малопродажните цени на лековите кои ќе важат од 1 април.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека се намалуваат цените за 40 до 50 отсто од генеричките и иновативните лекови.
Со ова намалување на цените, се опфатени сите групи на лекови од позитивната листа.

-Заштедата кај генеричките лекови на годишно ниво изнесува 993.000 евра, додека кај иновативните лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра. За компарација во 2016 година вкупната заштеда кај оригинатните и генеричките лекови изнесувала 1.126.000 евра, а во 2017 заштедата изнесувала 398.315 евра, рече Филипче и додаде дека станува збор за најголема заштеда досега.

Филипче исто така посочи дека за одредено време ќе го смениме начинот на плаќање кон аптеките за лековите издадени на рецепт и дека проблемот со недостиг од лекови во аптеките во иднина нема да се случува.

-Сега додека се уште важи постојниот начин на плаќање Фондот најде едно преодно решение за зголемување на квотите, а за кратко време кога ќе го утврдиме најдобриот начин наместо плаќање по рецепт ќе излеземе со официјални информации и ќе ја спроведеме мерката, додаде Филипче,

Тој додава дека и во иднина ќе продолжи да се надградува методологијата за цените на лековите како рационална мерка, со цел реално следење на целата политика на лековите во интерес на граѓаните.