ТЕРА

REKLAMA???

СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА ВО БИТОЛА

Години наназад се намалува бројот на првачиња, како во државата така и во Општина Битола. Годинава според списокот на МВР прво одделение треба да одат над 950 првачиња. Но според податоците на Општина Битола во прво одделение годинава се запишале над 720 првачиња или помалку за околу 200. ОУ „Стив Наумов“ од Битола е едно од училиштата кое годинава за разлика од лани запиша повеќе првачиња. Односно во ова училиште годинава за прв пат во школските клупи ќе седнат 116 првачиња.

„Оваа година ОУ „Стив Наумов“ од Битола има запишано 116 првачиња што претставува зголемување на бројот на првачиња во споредба со минатата година кога школската година ја почнале 89, иако трендот е намалување на првачињата во цела држава па и во Општина Битола. Меѓутоа со консултации со Министерството за образование и наука гледаме дека бројот на првачињата се намалува, и во следните години се очекува од 5 до 8% уште да се намали“, изјави Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ од Битола.

В среда битолските советници треба да донесат одлука со која ќе треба да се формираат паралелки со помал број на ученици.

„Во проектот кој го спроведува МОН и станува збор за оптимизација на паралелки каде што има голем број на училишта каде што паралелките се со помал број на деца и во почетна фаза е влезена во тој пилот проект и Битола и се бара оптимизација за првачињата каде што во едно одделение може да бидат 20 ученици до максимум 30, иако знаеме дека до претходните години и годините коишто ќе ни следат ќе имаме се помалку, ќе видиме како ќе функционира, бидејќи Битола е еден од учесниците во тој пилот проект. Еден од главните фактори за ваквата состојба, а тоа го гледаме и од бројките и од статистиката е иселувањето, бидејќи голем број на млади луѓе се иселуваат, така што нивните деца образованието го продолжуваат во земјата каде што се иселени, исто така од статистиката гледаме дека границата на склучување на бракови е поместена, некои ќе речат можеби и финансиската ситуација, да во одреден процент е така,меѓутоа покажуваат и обратни анализи дека голем број на добро ситуирани семејства ја напуштиле државата“, рече Пискачев.

Со ваквиот тренд на намалување на бројот на ученици, примањето на нови кадри во училиштата ќе оди потешко, вели тој.

Разбирливо ваквата намалена бројка се одразува и на бројот на запишани средношколци.