На концертот насловен „Татковина“ во Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, настапи еден од најпосветените музички уметници кај нас, виолинистот Бојан Илкоски.
„Уште еден импресивен концерт, ни ги стопли срцата. Татковина со нашите фантастични уметници – Бојан Илкоски на виолина, кој блесна во изведбата на виртуозниот Концерт бр. 1 од Паганини и маестро Сашо Татарчевски зад диригентскиот пулт кој заедно со оркестарот ја изведоа и Четвртата симфонија од Шуман – полна со прекрасни звучни нијанси. Долгите аплаузи за сите, кажаа доволно како поминавме и овој пат“, истакнаа од Македонската филхармонија.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.Настапувал со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.
Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари, како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Виолинистот Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов. Досега остварил бројни настапи во земјата и надвор од нејзините граници: Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, неколкупати настапувал како солист со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар при ФМУ, а во 2009 година го одржал и својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Бројни настапи во земјата и надвор од неа, како што се: Европскиот концерт приреден од музичките и балетските педагози на Македонија, заедно со Europian union of music competitions for youth;свеченото отворање на реномираниот натпревар „Охридски бисери“(2015); на фестивалот „А-фест“ во Нови Сад, Србија; рецитал во циклусот концерти „Доаѓаме…“ (2013) во организација на КИЦ; во амбасадата на Шпанија по покана на амбасадорот Фернандо де Галаинена Родригез… Во досегашното искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба кои се од исклучителна важност и претставуваат огромен предизвик за секој инструменталист, воопшто. Со концерти од овој тип се претставува и на фестивалот „Златна лира 2017“, во организација на СМУМ. Заедно со Симфонискиот и Камерниот оркестар при Факултетот за музичка уметност има настапувано во земјава, како и во Хрватска и во Босна и Херцеговина.
Како камерен музичар, соработувал со светски реномирани имиња како што се Франсис Дирој и светски познатиот виолончелист и диригент Марк Копеј, а остварува соработка и со виолинистот Сретен Крстиќ, концерт-мајстор на Минхенската филхармонија. Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.