Викендов на рекреативната зона “Акумулација Стрежево” се одржa меѓународниот куп “БИТОЛА 2023” во спортски риболов. На натпреварот учествуваат екипи од Македонија, Србија и Црна Гора.

Организатор на натпреварот беше ЗРРЕСК Црна Река – 1929 од Битола, а истиот е подржан од концесионерот ЈП “Стрежево“ – Битола.

Се ловеше риба во дисциплината “пливка”(лов на риба со јадица на пливка), во поединечна и екипна конкуренција.

Победници во поединечна и екипна конкуренција беа претставниците од Србија (Јужна Морава 1925 од Чачак), соопштија од ЈП „Стрежево“.

По завршувањето на натпреварот кај летниковците се доделија благодарници и награди на најуспешните спортски риболовци.

ЈП “Стрежево“ – Битола во целост ја разбира потребата од организирање вакви настани и придонесе за продолжување на оваа долгодишна спортска традиција, која претставува симбол за континуитет и едно од обележјата на препознатливост на рекреативната зона, а пред се’ е во насока на развој на спортскиот и рекреативниот риболов.

Им честитаме на сите учесници на натпреварот за нивното залагање и посакуваме и во иднина оваа традиција да се негува и да продолжи со истиот интензитет како и досега, стои во соопштението од јавното претпријатие.













