По повод 10 годишнината од возобновувањето на Камерниот оркестар на Битола во Центарот за култура се одржа Свечената Академија.Камерниот оркестар постои повеќе од 4 децении, на почетокот бил воден од ентузијасти кои што ја негувале љубовта кон музиката и успеале да го формираат оркестарот кој што полека развивајќи се низ годините, денес е веќе многу добропознат бренд низ целиот Балкан.
По неколку години пауза, во 2013 година се роди идејата за возобновување, популаризација и доближување на оркестарот до пошироката публика и таа идеја се реализира од диригентот, виолист и аранжер Владимир Димовски и виолистот и професор во Средното музичко училиште во Битола, Никола Трајановски. На 04 јули 2013 Камерниот оркестар на Битола го одржа својот прв концерт „За моја Битола“ во Пациото на Музејот во Битола на кој што се изведоа најубавите староградски битолски песни, а гости беа повеќе македонски изведувачи.

И покрај тоа што Камерниот оркестар постои повеќе од 40 години, до пред извесно време тој немаше статус на институција каде музичарите би биле вработени, па отсекогаш функционираше на проекти. Но, таа ситуација се промени и на овој свечен настан освен што се прослави 10 годишнината од возобновувањето на Камерен оркестар, се прослави и формирањето на камерниот оркестар како национална институција.

Димовски ја истакна својата благодарност кон Министерство за култура и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска која беше присутна на оваа свеченост, за нејзините заложби Камерниот оркестар да стане национална институција. Плакети за благодарност и беа доделени неа и на советничката Марија Магдалена Петковска Микаровска.Исто така плакети беа доделени на градоначалникот д-р Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски за нивниот придонес во развојот и подемот на Камерен оркестар на Битола.
Плакети доби и Центарот за култура и директорката, Тера телевизија, професорите Кирил Петков и Зоран Маневски, членовите на оркестарот Никола Трајановски, Владимир Цветковски, Валентин Наумов и Дејан Арсиќ , а потоа и сите заслужни овој оркестар да функционира најдобро што може.
Камерниот оркестар досега има реализирано над 140 концерти, од кои повеќе од 10 биле низ Балканот на најголемите фестивали, па се до Прага минатата година. На истите присуствувале над 200 илјади публика. Периодот со КОВИД-19 беше единствената година во која беа спречени да направат повеќе концерти, но сепак и тогаш одржаа неколку.












