Се одржа третиот по ред Саем за кариера во Битола

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Голем интерес кај младите луѓе во Битола предизвика третиот по ред Саем за кариера.Битолчани  имаа можност да се запознаат и да разменат контакти со домашни компании за да го најдат своето работно место на пазарот на труд. Целта на саемот е да им обезбеди простор на младите индивидуалци да ја пронајдат својата работна позиција за која сонуваат, а има и за цел да им помогне и на стартап компаниите да го прошират својот тим со млади таленти кои ќе придонесат за развојот на компанијата.

-Трето издание на „Саем за кариера“. Три месеци по завршувањето на настанот минатата година имавме 30 директни вработувања како резултат на Саемот. Младите оставрија контакт со компаниите, аплицираа и си го најдоа своето вработување на пазарот на труд. Последните податоци на национално ниво говорат дека младинската невработеност за 2017 година на луѓе од 15 до 24 години изнесува 46,7%, што претставува висока стапка. Очекуваме оваа стапка со позитивните трендови во 2018 да се намали, затоа што старуваше младинската гаранција во три пилот општини, и затоа што се подджуваат проекти и стартапи за млади претприемачи, рече Златко Талевски, извршен директор на МКЦ-Битола. 

На Саемот за кариера се претставија 12 компании кои нудеа над 100 работни места од најразлични профили.Настанот доби поддршка и од општина Битола.

-Општина Битола ја поддржува секоја иницијатива која што ќе ја намали младинската невработеност. Овај настан претставува значајна придобивка за нашиот град, затоа што не само што ја користи можноста бизнисот да се промовира, туку и најважното тие можат да се промовираат пред младите и да ја зголемат нивната мотивација. Целта е да се намали невработеноста кај младите, рече Емилија Костурски,  заменик градоначалник на Битола.  

Дел од настанот беа и интерактивни, инспиративни и едукативни говори за мотивација. Својата успешна приказна пред присутните ја раскажа Блаже Аризанов, автор на книгата „Белиот свет“.

Саемот по трет пат го организира МКЦ од Битола, а коорганизатор  годинава беше Фондот за иновации и технолошки развој.

-Ние финансиски ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија, меѓутоа даваме поддршка и на овај настан бидејќи настануваат и работни места и со тоа ги подржуваме младите да останат тука и да си го најдат своето работно место. Исто така во рамки на Саемот утре ќе бидат претставени новите мерки за самовработување од страна на Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации, бидејќи ние и тие мерки активно ќе ги поддржуваме, рече Бисера Јордановска од Фондот за иновации и технолошки развој. 

Според статистиката младинската невработеност во Македонија за 2017 година на возраст од 15 до 24 години е 46,7 % .

Share.