ТЕРА

REKLAMA???

СЕ ОДРЖА 60.ИЗДАНИЕ НА ГАЛИЧКА СВАДБА

И оваа година, од 14-ти до 16-ти јули, Галичник, лоциран на живописните предели на планината Бистра, беше домаќин на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.

Илјадниците посетители од земјава и странство кои годинава пристигнаа имаа можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи и ритуали, збогатени со уникатниот колорит на народните носии и изворните песни и ора, карактеристични за овие предели од нашата земја. Во центарот на вниманието на најпознатата македонска свадба годинава беа невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник.

Ансамблот Танец придружуван од Мајовци оваа година беше носител на ората симболи на галичката свадба: Тешкото, Невестинското, Манукот. Институционален покровител на Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски. Министерството за култура обезбеди финансиска поддршка за нејзиното одржување.  

„Шеесет години традиција, шеесет години радост за враќање дома во родниот крај, шеесет години Галичка свадба – историскиот мост меѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современоста. Министерството за култура останува силен поддржувач на Галичката свадба, но и промотор на Галичката свадба како културно наследство кое зборува за историјата и културата  на македонскиот народ“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Оваа манифестација надалеку позната и призната веќе 6 децении придонесува за промоција на нашата земја во светот, на нејзината култура и традиција, како и на сите нејзини убавини. 

За потсетување, над половина век се одржува Галичка свадба, а првата се одржала во 1963 година на Петровден. Оваа свадба е меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат. Со ваков наслов и влијателниот „Њујорк тајмс“ во 2019 ја препорача Галичката свадба.