ТЕРА

REKLAMA???

СЕ ОДРЖУВА УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2024

„Тие што студираат и тие што ќе се запишат на еден од факултетите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ да знаат дека нема само да учат туку и ќе спортуваат и ќе се забавуваат. Уживајте.“ беа зборовите со кои ректорот на УКЛО проф. д-р Игор  Неделковски го отвори вториот по ред тениски турнир што го организира Универзитетот. Рефлексиите од првиот природно го донесоа и вториот турнир УКЛО ОПЕН КОЛОРС.

„Посебно ме радува што годинава е зголемен и бројот на студенти. Активностите што ги правиме за мотивирање на студентите да не бидат само добри во учењето туку да бидат сестрани личности ќе продолжат затоа што даваат резултати. “ – рече во изјава за медиумите.

Спортските активноси за Академијата, но од отворен карактер, за учество и на широката јавност во последните неколку години вбројуваат куглање, стрелање со воздушна пушка, едрење. И овие се надвор од универзитетските лиги во колективните спортови.

„Имаме Државна универзитетска лига кадешто имаме и солидни резултати на нашите студенти, но и за тие што не се врвни спортисти, кои не се дел од екипите на УКЛО организираме настани, повеќе во индивидуалните спортови и имаме популарни спортови: баскет 3х3 , имавме едрење, имавме веслање за првпат по онаа традиција на Кембриџ и Оксфорд универзитетите, куглање, стрелаштво, тенисот веќе по втор пат и тоа ќе продолжи и во наредниот период бидејќи очигледно даваат резултати. “ вели ректорот Неделковски.

Вечерва ќе биде познат победникот на тенискиот турнир што го организиа битиолскито универзитет, УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2024.  Студенти, професори и универзитетската администрација е дел од натпреварувачите, публиката, навивачите. Денеска се очекува поатрактивниот дел кога на тениските терени се очекуваат и граѓаните како публика.

Марјан Љамчевски, виш советник за спорт и култура во УКЛо објасна дека годинава се пријавиле 25 учесници,„ дел во категоријата студенти, дел во категоријата професори и административен кадар на Универзитетот, меѓутоа имаме годинава и надворешни учесници и средношколци во категоријата средношколци-студенти.Бидејќи напоменавме во огласот за пријавување дека не е потребно посебно искуство за учество на овие натпревари, очекуваме пред се добра забава и дружење како меѓу студентите така и меѓу професорите и студентите што е и основната цел на оваа манифестација за која се надевам дека в година ќе добие и меѓународен карактер односно ќе имаме и гости од странство. “

По жрепката формирани беа групите кои по кусо загревање ги вкрстија рекетите.

Првин прашавме како се навива на турнирот, со прикриена желба на одговор дека треба да се навива за студентите.

Борис Гудовски, претседател на Универзитетското студентско собрание ни рече дека се навива под сенка, со ладна вода. Секако, навиваме за кого милуваме. Го поздрави ставот на Турнирот за учество на сите кои како него, ги знаат сите тениски правила, но немаат играно тенис.

Зоран Јошевски, професор на Техничкиот факултет е минатогодишниот победник во академско-административната група, играл тенис кога бил малку помлад, а овој турнир му овозможил да се наврати на својата пасија.

„За добар тенисер првин треба добар ментален склоп, тоба моторика, психо-физичка подготвеност и нормално треба да се има малку тренирано и да се игра. „Јас ова го разбирам како забава, дружење меѓу колегите од сите други факултети на Универзитетот и со студентите. Заеднички да покажеме дека спортот поврзува. Овие воннаставни активности имаат улога и влијание во креативноста на самите студенти и на нас професорите, а сега, нека победи тој што ќе има најмногу среќа. “

Анѓел Ѓоргиевски е апсолвент на Педагошкиот факултет, лани освоил второ место во групата студенти.  И за него ова е добра прилика да се охрабрат тие кои не играле тенис никогаш. Но, во официјалните изјави ни рече дека сака годинава да го освои првото место.

За професорот Јосиф Петровски од Педагошкиот факултет велат е редовен на сите натпревари  и турнири кои се организираат од Универзитетот, а тениската игра ја открива заради овој турнир.

„Овие манифестации се добри за тим-билдинг и за повеќе да сме со студентите. Редовно учестѕвувам на сите спортски активности, пред се како забавен дел, некомпетитивен.“ Се шегува дека најдобро е кога ќе се погоди тениското топче без разлика кој удар ќе се користи – бекхенд, волеј или слично, но вели „Дојдени сме да пружиме добра борба, па ќе видиме.“

Нема дилема дека суштината на тенисот како спорт е да се префрли топчето преку мрежата.

„Сите освен универзитетските лиги, сите наши активности се по она олимписко мото дека е важно да се учествува, но, кога го гледам жарот со кој влегуваат нашите студенти но и нашите професори на теренот, си мислам и дека не им е единствено важно да се учествува, доста се амбициозни.“ се пошегува и ректорот Неделковски објаснуваќи дека тенискиот турнир и другите спортски настани што се4 организираат се отворени за сите.

Овој турнир годинава се одржува под капата на Алијансата на Европските Универзитети КОЛОРС, а за крај останува пораката од проф. Јошевски кој вели спортските натпревари се манифестација на храброста на професорите да се спротивстават на своите студенти таму кадешто тие се доминанти, како начин на мотивација студентите во универзитетските амфитеатри да им се спротивстават со знаење.