Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица кој православните верници го празнуваат на 28 август .
Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос.
Господ, Кој на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај ги таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Јерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Јерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син.
На старост таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да ја земе од овој свет. Еднаш ѝ се јави Архангелот Гавриил и ѝ објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш ѝ даде и една палмова гранка за да ја носат на нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ ѝ ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од Ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на светите Јоаким и Ана. По Божја Промисла поворката од злобните Евреи ја засолнуваше облак. Некој еврејски свештеник Атониј, го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош, а откако објави дека поверувал во Господа Исуса Христа, беше исцелен. Апостолот Тома повторно – по Божја Промисла – изостана, та на тој начин да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигна и тој, и посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Но, кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Таа вечер им се јави на апостолите самата Пресвета Богородица опкружена со мноштво ангели и им рече: „Радувајте се, ќе бидам со вас вовек“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.
Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Во овој регион попознати се славите во селата Кравари и Ѓавато.












