Се садеше во Нова Битола

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Општина Битола заедно со ЈП Комуналец денеска го почна проектот „За зелена Битола“. Денес се засадија зимзелени дрвја кај паркот во близина на ОУ Климент Охридски. Со проектот предвидено е засадување на 3000 стебла садници,од кои 2500  се зимзелени дрвја а 500 листопадни, со што ќе се збогати зелениот фонд во општината, а истовремено се преземаат и конкретни мерки против загадувањето.

-Особено се радувам затоа што доаѓаме во дел на градот, каде што очигледно е видливо дека имало недостиг на дрвја и на садници. Започнуваме со динамика која во следниот период ќе се реализира на неделна основа. Мапирани се позициите, но она што особено ме радува е што деновиве доаѓаат наплив на барања од граѓаните на воочени локации од нивна страна, што покажува дека оваа е акција што ја спроведува Општина Битола, заедно со граѓаните, а во интерес на сите нас: Да имаме позелена и почиста Битола, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, нагласувајќи дека секоја садница повеќе е благодет и придонесува за прочистување на воздухот, поубава и почиста Битола.

Засадувањето на садниците ќе се реализира според проектно утврдената динамика, односно во зимско – пролетниот и есенско – зимскиот период, додека одржувањето ќе биде континуирано.

-Ова е еден голем проект со кој почнуваме денес. 25 зимзелени и 5 листопадни дрвја веќе се посадени. Истовремено, стоиме на располагање на сите граѓани, со свои идеи да придонесат за наша помош за зазеленување и на други површини. Нашите вработени и за постоечките и за новите паркови, ќе бидат задолжени со редовно одржување, чистење и наводнување. Од друга страна, бараме и од граѓаните да бидат наши помагачи во одржувањето и наводнувањето на овие површини, рече директорот на ЈП Комуналец, Панде Богоевски.

Хортикултурно ќе се уредува и просторот пред училиштето Климент Охридски и спротивната локација пред зградите во Нова Битола. Финансиската конструкција на проектот е обезбедена од АД ЕЛЕМ – Скопје, Подружница РЕК Битола. ЈП Комуналец има ценовник за садниците.

Share.