Се уште нема телефонски разговор со Ципрас

0
283

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се уште немал телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во врска со евентуалниот договор за прашањето за името.

„Имаме некои технички работи кои треба да се решат. Јас сум од самиот почеток позитивен и оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението.
Штом се отстранат овие технички пречки, веднаш ќе се случи и телефонскиот разговор, и во најбрз можен рок ќе можеме да го објавиме сето тоа што е договорено, за да ги процесуираме понатаму во самите постапки.

Конечна цел ни е да стигнеме навремено пред сесијата на Европскиот совет, заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање на датум за отпочнување на преговори за Македонија.

Следните денови сме максимално фокусирани и посветени. Се работи за договарање, за членови од договори, за детали, што е важно, затоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени“ рече Заев.

Беше прашан дали со Ципрас ќе се сретнат во Преспа.

„Таму би требало да биде потпишувањето. Тоа е желба уште од Давос. Затоа премиерот Ципрас ја повторува. Јас само можам да ја потврдам. Секако, во овој момент тоа што го разговараа усно министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција треба да биде преточено во правен документ, треба одредени детали јас и премиерот Ципрас да ги одлучиме со сите наши аргументации. Јас сум поддготвен за тој разговор, знам дека и тој е подготвен.

Секако важно ни е како тоа ќе го објаснимена нашата македонска опозиција, за да има причина да ја повикаме да биде заедно со нас. Најважно е да им објасниме и на граѓаните на Република Македонија, но исто така, паралелно важно е, да им објасниме и на опозицијата во Грција како и на граѓаните на Република Грција.
Секој договор има крајни аспирации не само да отстрани некој проблем,туку да биде алатка за зголемување на пријателството помеѓ двата народи.
Јас верувам дека така ќе биде прифатено од двете страни и да биде причина да расте и интензитетот и соработката од секој аспект помеѓу граѓаните на Република Македонија и Република Грција“ изјави Заев.