Се чистат дивите депонии во населбата Баир во Битола (фотогалерија)

0
4892

Акција за чистење и разубавување на животната средина денеска се спроведе и во Битола . Се чистеа дивите депонии во населбата Баир. Во акцијата која што е иницирана од Заедницата на единиците на локалната самоуправа се вклучи општина Битола, директорите на јавните комунални претпријатија од градот „Комуналец“, „Водовод“ и „Нискоградба“ заедно со своите вработени, дел од советниците предводени од претседателот на Совет Валентин Груевски, како и дел од жителите кои што живеат во овај дел од градот.

-Општината продолжува со чистење на дивите депонии. Досега се исчистени над 20 диви депонии, намален е бројот на депониите но тоа не е крај, не е се чисто. Ние и понатаму ќе продолжиме да се занимаваме со тие проблеми. Денес по иницијатива на ЗЕЛС во цела држава се чистат диви депонии, така што и општина Битола се вклучи во акцијата. Денес општината заедно со јавните комунални претпријатија излезе во населбата Баир и ја исчисте оваа депонија која што претставуваше проблем за околните жители, рече Валентин Груевски, претседател на Совет.

-ЈП „Комуналец“ во рамките на своите активности периодично на месец -два врши чистење на дивите депонии, во соработка со ЈП„Водовод“ и  ЈП„Нискоградба“. Во заеднички акции со општината учествуваме во чистењето на дивите депонии што се појавуваат во градот. Причината за создавање на дивите депонии е несовесното однесување на граѓаните, затоа што ние сме секогаш подготвени да исчистиме, но никогаш не можеме да исчистиме доволно колку што прават граѓаните вакви диви депонии. Ќе ги замолам јавно граѓаните да се обратат до нас, пред да се направи дива депонија, ние ќе го собериме од дома тој отпад за да не се создават вакви проблеми кај граѓаните. Покрај општината и други невладини здруженија бараат од нас поддршка за вакви активности, така што и наредната сабота ќе имаме чистење на други диви депонии. Годишно се појавуваат околу 50 тина диви депонии кои што ние ги санираме . Во однос на организирано подигање на сметот овде е тешко изводливо. Ова е најгорливиот проблем во градот, најголемата депонија е овде. Ние сме сериозни во нашите намери и сакаме да се зафатиме со решавање на сите проблеми и овој иако е горлив и тешко решлив, се надевам дека ќе го решиме проблемот и со организирано подигање на сметот и кај овие групи граѓани, рече  Панде Богоевски, директор на ЈП„Комуналец“.

Акција за чистење на диви депонии во Битола ќе се спроведе и следната сабота.