СЗО: Бустер дози не е добра стратегија во борбата против новите соеви

Повеќе од половина жители на Европа се очекува да се заразат со Омикрон сојот на коронавирусот во следниве два месеца, соопшти Светската здравствена огранизација денеска додека милиони во Кина се соочуваат со нови затворања на двегодишнината од првиот смртен случај од ковид во светот.

Високозаразниот сој се шири низ земјите со брзо темпо поради што владите преземаат новите мерки и повикуваат на земање засилувачка трета доза вакцина.

Експертите од Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупредија дека континуираната администрација на бустер дози не е добра стратегија во борбата против новите варијанти на ковид-19 и ги повикаа научниците да работат на развој на вакцини кои подобро штитат од нови соеви.

Kомпанијата „Фајзер“ подготвува вакцина специјализирана само за сојот омикрон, а која ќе биде подготвена во март, изјави извршниот директор на компанијата, Алберт Бурла, додавајќи дека тие веќе започнале со производство на првите дози.

Според Бурла, вакцината исто така ќе дејствува и врз другите варијанти на вирусот. Сепак, Бурла изјавил и дека се уште не е јасно дали вакцината ќе биде неопходна и како ќе се користи, но дека тие ќе имаат подготвени дози доколку некоја земја побара да им бидат испорачани овие вакцини.

 

Сподели