Земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала, според едни извештаи, а споиред други 7,5 степени го погоди јапонскиот остров Хоншу, поради што Националната метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами од 3 метри долж брегот на Јапонското Море.

Портпаролката на јапонската телевизија „NHK“ континуирано и итно ги повикува жителите да бараат безбедност на високото место.
Епицентарот на потресот бил на полуостровот Ното во префектурата Ишикава, на околу 505 километри северозападно од Токио.
Јапонија е една од најзагрозените земји во светот од земјотреси.

Попладнево е соопштено дека најмалку шест лица се заробени под урнатини на полуостровот Ното.
Повеќе од 32.500 домови во јапонската префектура Ишикава се без струја откако областа денеска беше погодена од силен земјотрес и последователни потреси, соопшти јапонската електродистрибуција.
Железничкиот и воздушниот сообраќај биле прекинати во погодените региони.

Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за силна сеизмичка активност во следната недела, особено во следните два до три дена, истакнувајќи дека земјата би можело повторно да ја погоди земјотрес со јачина од 7 степени.

На социјалните мрежи се објавуваат видеа од куќи како се тресат, жители како се кријат под масите, дури и од уривање на објект.













