Симулација: Евакуација при случај на пожар во Болница Плодност

0
1981

Со цел да бидат исполнети сите препораки од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, која на ПЗУ „Плодност“ Битола и ја додели највисоката Акредитација за работа од 5 години, во рамките на Планот за работа за 2018 година на болницата, предвидена беше симулациона вежба за евакуација на вработените и пациентите при состојба на пожар.Тимот за Безбедност и заштита при работа во Болница „Плодност“ и претставниците на ОО на Црвен крст Битола, претходно договорија реализација на практична вежба при состојба на пожар, која денес практично се реализираше.

 „Според планот за работа, предвидовме симулација при пожар, за да можеме поорганизирано да делуваме кон пациентите во случај на ваква појава, а истовремено и ние да ги преземеме потребните чекори за лична заштита. По активираниот аларм, секој оддел постапи според претходните напатствија за евакуација на персоналот и пациентите, а во таа насока голема помош имавме од ОО на Црвениот крст во Битола. Тие комплетно ја реализираа оваа активност, а нивните волонтери масовно учествуваа во акцијата на спасување“, рече Ребека Алексовска, главната сестра на Болница „Плодност“.

ОО на Црвен крст Битола има склучено меморандум за соработка со Болница „Плодност“, а ова е првата заеднички реализирана активност од поголеми размери.

 „Ние како Црвен крст сме обучени да ги реализираме ваквите симулации, со цел кога би се случиле во реалност, да се постапи најдобро што може. Нашите волонтери беа распоредени насекаде во болницата и како повредени лица и како лица кои ги евакуираа пациентите. Симулационата вежба беше комплетно изведена според сите правила, а во неа учествуваше и едно возило на ТППЕ Битола со тројца пожарникари, претставници од СВР Битола, како и претставници од ДСЦ и ЦУК. Во самата симулација комплетно беше евакуирана болницата во однос на пациентите и вработените, со вклучување и на повредени лица, а се пребројуваа пациентите и персоналот за да се увиди дали некој недостига во пожарот. Ние сме задоволни од времетраењето и успешноста на акцијата, која ја спроведовме заедно со нашите волонтери во Болница „Плодност““, истакна Лилјана Ристевска, претседател на ОО на Црвен Крст Битола.

Сите пациенти во болницата и околното население, претходно беа информирани за одржувањето на вежбата, со цел да не дојде до паника. На овој начин болницата ги подигна веќе воспоставените стандарди на уште повисоко ниво, покажувајќи ја подготвеноста за делување и во случај на одредени немили настани.