Синдикален протест во Скопје

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика на мирен протест за работничките права, кој е најавен за денеска во 16 часот од булеварот „Гоце Делчев“, спроти МРТ, а ќе продолжи кон Собрание за да заврши пред Влада.

Протестот ќе се одржи со автомобили за да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Од Конфедерацијата велат дека веќе подолг период се обидуваат да воспостават дијалог со претставници на министерствата и државните органи за решавање на проблемите со кои се соочуваат работниците, како и да укажат на почитување на законите и колективните договори кои како што велат, постојано се кршат.

Според нив, истиот тек на прекршување на работничките и човековите права продолжил и за време на пандемијата.

„Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери. Сите овие барања се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници. Ве повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците! Доста е, претеравте!“, стои во најавата за протестот.

На него ќе се приклучи и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура– СОНК, од каде велат дека ги поддржуваат барањата на КСС и сметаат дека заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат своите права преку предупредувачки протест.

slobodnaevropa.mk

Сподели