Регионалната депонија се најде на последната седница на Советот на Општина Битола. Претходно на комисиска расправа беше кажано дека треба да се донесат одлуки за воспоставување на меѓуопштинска соработка и за формирање на заедничка комисија за основање на заедничко Јавно претпријатие за регионално управување со отпад меѓу општините Новаци, Прилеп, Битола, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод.

На седницата на Комисијата за заштита на човековата средина беше речено дека во Битола нема да има претоварна станица.

„Регионалната депонија во Новаци е проект кој што е финансиран од страна на Министерството за животна средина, каде што државата има земено кредит за изградба на регионални депонии. Така предвидено е во Општина Новаци да се прави регионална депонија, односно се формира едно меѓуопштинско јавно претпријатие, каде што иницијативата е почната од страна на Општина Новаци каде што ќе биде седиштето на тоа јавно претпријатие и сите Совети во двата региони, во Пелагонискиот и во западниот регион треба да донесат 18 одлуки за формирање на регионално меѓуопштинско јавно претпријатие за управување со отпад“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Координаторот на СДСМ, Николовски рече дека подолго време се зборува за оваа депонија за која вели дека треба да ја има, а дали ќе биде во Новаци или друго место смета дека се уште е рано да се зборува. Вели дека до седницата тие не го добиле проектот за да го видат.
„Имаме само одлука за формирање на меѓуопштинска соработка помеѓу 18-те општини од овој регион, така што ние како СДСМ ќе поддржиме да се фодмира едно такво меѓуопштинско препријатие“ вели Николовски.
Но, вели за нивниот став каков ќе биде прво сакаат да го видат проектот од аспект на животата средина.
„Бидејќи сметаме дека посебно овој регион од Битола го имаме актуелниот загадувач РЕК Битола во непосредна близина. Доколку студиите не ни покажат јасни знаци дека оваа депонија ќе биде безбедна за граѓаните на Битола, не можеме да кажеме дали ќе ја поддржиме или нема да ја поддржиме“ рече Николовски.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Бојкоски вели дека тој проект не е од вчера, па ги упати на интернет да ги побарааат материјалите.
„Ова е стар проект кој што беше отпочнат уште во 2014-2015 година, веќе десет години. Тогаш беше финансиран од страна на Европската унија со цел изградба на регионални депонии во сите региони, меѓутоа со намалувањето на бројот на жителите сега се прави една регионализација, односно се спојуваат два региони со оглед на бројот на жители кои што живеаат и количината на отпад која што ја одлагаат. Проектот претходно неколку пати беше јавно презентиран, не само во Општина Битола, туку во сите општини каде што беше предвидено да се прават и дел од претоварните станици. Исто така беше објавен и елаборатот за заштитата на животната средина и тие документи доколку се пребараат на дел од општинските официјални веб страници можат да се најдат дел од документите. Уште во 2015-2016 година Општина Битола имаше свои претставници кои што беа делегирани од страна на јавното претпријатие Комуналец и од Општина Битола, каде што учествуваме во тој дел каде што се правеше комплетната техничка документација“ вели Бојкоски.
До Николовски и прашањето за тоа дека ова е европски проект.
„Да, се работи за европски пари, финансиран е и од страна на Европската унија, но сепак граѓаните се најбитни во нашиот град и во околината, така што мора да бидеме сигурни дека таа регионална депонија ќе биде безбедна за нашиот град за да ја поддржиме. Се додека не го видиме конкретниот проект, не може да даваме изјави дали поддржуваме или не. Како идеја и како посточката депонија „Мегленци“ која нема високи стандарди, треба да се изгради нова регионална депонија, за локацијата и дали ќе ги исполнува стандардите прво треба да го видиме проектот“ вели советникот од СДСМ.
На седницата се гласаше предлог заклучокот да се задолжи Комисијата за животна средина во рок од 15 дена да се закаже јавна расправа на која советниците ќе добиат подетални информации во врска со регионаната депонија. Сите кренаа рака, односно едногласно го усвоија предлогот.
И барањата за носење на двете одлуки за оваа депонија, беа изгласани едногласно.












