Скандал го тресе Facebook, почна и кампања #DeleteFacebook

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Личните податоци на 50 милиони луѓе беа украдени и злоупотребени без одобрение од „Фејсбук“.

„Фејсбук“ објави дека независен тим дигитални форензичари ќе спроведат истрага и ќе се обидат да утврдат дали компанијата „Кембриџ аналитика“ и понатаму располага со спорните податоци кои ги добила од „Глобал сајенс рисрч“ (ГСР).

-Ако податоците и понатаму постојат, тоа би било тешко кршење на правилата за користење на „Фејсбук“ и неприфатливо кршење на довербата и обврските кои ги презеле овие групации – истакнаа од „Фејсбук“.

Истовремено и обичните луѓе водат своја борба преку кампањата #DeleteFacebook.

Светските медиуми објавуваат упатства како да го деактивирате својот профил на „Фејсбук“, а има повици и корисниците да се откажат од другите сервиси кои функционираат под капата на „големото Ф“ – „Инстаграм“ и „Ватсап“.

Британскиот комесар за информации изјави дека ќе побара налог за да се испитаат базата на податоци и серверите на компанијата „Кембриџ аналитика“, која се сомничи дека искористила лични податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук за влијание врз претседателските избори во САД во 2016 година.

Истовремено, извршни директори на британската компанија биле снимени од камерите на „Ченл 4 њуз“ како предлагаат начини, вклучувајќи и поткуп, за дискредитирање политичари по пат на Интернет.

„Можеме многу да направиме. Можеме да им понудиме нешто што нема да може да го одбијат и сето тоа да го снимиме со видео-камери. Можеме да пратиме девојки околу куќите на кандидатите. Украински девојки се многу убави, знам дека тоа функционира многу добро“, вели извршниот директор Александер Никс во една од снимките.

Тој бил наместен од новинар на телевизијата, кој му се претставил како претставник на богат клиент со политички амбиции во Шри Ланка.

Од „Кембриџ аналитика“ тврдат дека снимениот разговор бил „ужасно погрешно сфатен“

Едвард Сноуден смета дека Фејсбук е „надзорна компанија“ која ги продава податоците на своите корисници, притоа накратко навестувајќи дека оваа социјална мрежа наликува на продолжена рака на службите за разузнавање.
„Тие се ребрендираа во социјална мрежа, што е најуспешна измена уште од времето кога Секретаријатот за војска премина во Секретаријат за одбрана“, напиша Сноуден на својот твитер-профил.

Share.