ТЕРА

REKLAMA???

СЛЕПИТЕ ЛИЦА НЕМААТ ЕДНАКОВ ПРИСТАП ДО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

На универзитетите во Битола и Скопје нема инфраструктурни проекти за приспособување на објектите за слепите лица, ниту пак аудио материјали и брајови книги во библиотеките во рамки на факултетите. Слепите лица ги немаат потребните услови за завршување на високото образование, а следствено на тоа, ускратено им е и правото на еднаков пристап до високото образование.

Од вкупно десет факултети на битолскиот и скопскиот универзитет од кои МИА доби информации, на ниту еден нема инфраструктурен проект за прилагодување на објектите за слепите лица, а нема ни приспособени материјали од кои би учеле.

– Ова го ускратува правото на слепите лица за еднаков пристап и еднакви можности во образованието, оценуваат од Националниот сојуз на слепи за МИА.

Како што наведуваат од Здружението на слепи лица постојат различни мерки, меѓутоа проблем е што нема институционалната волја за преземање на истите.

Од Здружението оценуваат дека клучно е факултетите да имаат обучени членови, како што се специјални едукатори или координатори за пристапност, кои можат да обезбедат индивидуализирана поддршка за студентите со оштетен вид.  

Велат дека дополнително е потребно на овие лица да им се обезбедат и испити на Брајова азбука или електронски формати кои ќе бидат компатибилни со екрански читатели, како и дозволување на дополнително време или користење на асистивна технологија за време на проценките. 

Алармираат на поголема институционална соработка, бидејќи како што појаснуваат, моментално таа е сведена на минимум.

Инаку, уставот на Република Северна Македонија ја предвидува достапноста на високото образование, а во член 7од Законот за високо образование стои дека „Државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија“.