Снегот нема да ги оштети овошките

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Пролетниот снег засега не може да направи штети на овошките. Овоштарите велат- опасно ќе биде ако има значителни минусни температури. За пелагониските земјоделци влажниот бран ќе значи одлагање на почетокот на пролетната сеидба.

-Сега снегот за овошките не е опасен, но ако паднат температурите под -4 степени тогаш е опасно. Бидејќи сега се припрема пролетната сеидба, снегот може да доведе до нејзино пролонгирање, рече Ѓорѓи Митревски земјоделец од с.Логоварди.

-Ако снегот се задржи подолго време и ако паднат температурите многу, тогаш може да има оштетување на овошките, рече Благоја Јовановски, земјоделец од с.Новаци.

Снежниот бран што ја зафати Македонија ги затекна овошките во фаза на полно цветање каде нивната издржливост кон ниски минимални температури е околу -2 до -3 степени.Од  Агенцијата за поттинување и развојот на земјоделството во Битола велат дека на терен постојано ја следат состојбата.

-Моментално температурите не се многу ниски така што не може да предизвика штети кај овошките во оваа фаза кога се расцветани. Температура пониска од -3 степени може да предизвика одредени оштетувања. Што се однесува до пролетната сеидба, пролонгирање ќе има, но сеуште оптималните рокови не се поминати, така што има доволно време , ќе се следат и понатаму состојбите на терен како и информациите од УХМР, рече Зоран Бардаковски од Агенцијата за поттинување и развојот на земјоделството во Битола.

Денес се огласија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од таму информираат дека издржливоста на овошките на ниски температури се движи од -2 до -3 степени и оти остварените температури биле во овие граници.

Според прогнозата од Управата за хидрометеоролшки работи на почетокот на следната недела се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд и позитивни утрински температури. Во пораст ќе бидат и дневните температури. Во втората половина од неделата се очекува стабилизирање и пораст на дневните температури и до 20 степени.

Share.