Снимката за „Поткуп“ нема да биде објавена на денешното рочиште

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

На денешното рочиште за „Поткуп“ кое е во тек во Кривичниот суд нема да биде пуштена целосната снимка за овој случај, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев. Обвинителството побарало одлуката за објавување на снимката да ја добие на писмено, бидејќи ќе се жали за истата на повисок суд.

На рочиштето присутен е и сведокот Иван Николов Сачевалиев. Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од Сечевалиев од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

Сведокот Иван Николов на денешното рочиште во кое на премиерот Зоран Заев му се суди за поткуп рече дека во 2013 година се сретнал со Заев и тој освен сумата за откуп на земјиштето му побарал плус едно евро за него, едно евро за изградба на црква и едно евро за партијата СДСМ.

Николов пред судот рече дека при средбата со Заев во времето кога бил градончалник му кажал дека сумата кој ја бара е голема и дека ќе треба да размисли или да земе кредит.

„Заев знаеше дека имам потреба од градежно земjиште. На 8 ноември 2013 во доцните часови ми се јави на телефон и ме повика за 15 минути да сум во неговиот кабинет. Ми кажа дека морам за секој квадрат да платам 70 денари и плус едно евро за него, едно евро за изградба на црква и едно евро за партијата. Му реков дека се тоа многу пари и дека тоа ќе ме кошта околу 300.000 евра“, рече сведокот Николов.

По ова Николов појасни дека Заев по некое време одлучил да го тргне тоа евро за партијата и да останат само 200.000 евра кој му ги побарал.

Во декември истата година сведокот Николов рече дека се одлучил случајот да го пријави во МВР по што бил повикан да даде исказ во Обвинителството, а МВР му дале опрема за да ги направи снимките во кабинетот на Заев.

Според исказот на сведокот во судница Заев му рекол дека парите ќе треба да му ги даде на неговиот брат Вицето.

„Градоначалникот Заев ги знаеше сите детални планови и знаеше дека јас имам интерес да откупам земјиште. Со син ми зборевме наместо пари од едно евро за црквата да дадеме градежен материјал за изградба но Заев не дозволи. Скоро на секоја средба ми поставуваше услов. Пред син ми немаше кажано дека бара поткуп, тоа го збореше само кога бевме јас и тој сами. Од градоначалникот од Митровден 2013 па натаму ми беа барани парите“, сведочеше Николов во судница.

Тој додае дека ако се согласел да плати ќе бил соучесник, па затоа го пријавил случајот и му било полесно.

Не платил ниту по едно евро за Заев, ниту по едно евро за црквата, единствено платил дел од сумата за откуп на државното земјиште. Дополни дека парите кои му биле барани за поткуп немал ниту намера, ниту можност да ги плати па затоа го пријавил случајот.

Во моментов трае пауза по што следуваат прашања за сведокот од премиерот Заев и неговите адвокати.

mkd.mk

Share.