Собранието со 63 гласа „За“ го избра Ристо Пенов од ЛДП за нов министер за локална самоуправа.
-Констатирам дека Ристо Пенов е избран за министер кој ќе раководи со министерството за локална самоуправа. Дозволете од името на сите пратеници да му честитам за изборот и да му посакам успех во работата, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во Собранието беа присутни 101 пратеник, а 30 гласаа „против“. Немаше воздржани.
После изгласувањето Пенов даде свечена изјава од собраниските клупи.
Пенов на местото министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец од ЛДП, Горан Милевски поднесе оставка на 20 септември од лични причини.
Во Министерството за локална самоуправа денеска е направено формално примопредавање на должноста министер за локална самоуправа.

„Денес извршивме примопредавање со новиот Министер за локална самоуправа, Ристо Пенов.
ЛДП продолжува да го води овој ресор важен за развојот на планските региони и општините.
Посакувам успешна работа“, напиша Милевски на социјалните мрежи.















