Собранието го усвои Законот за амнестија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Законот за амнестија по скратена постапка беше усвоен во Собранието со 95 гласови „за“. Законот го поддржаа и дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, иако партијата претходно тврдеше дека не е за селективна, туку за општа амнестија за настаните од 27 април, минатата година.

Според законот не може да бидат амнестирани,  организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние кои што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања.

Еден од предлагачите на законот Зеќир Рамчиловиќ рече дека денес е денот кога треба да се направи исчекор за надминување на предизвикот со кој се соочени, односно настаните од 27 април.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски истакна дека се приклучуваат како предлагачи на законот.

„Мислам дека е поважно дека на крајот сите дојдовме до она што го зборуваме од самиот почеток дека треба да се погледнеме во очи и треба нашите проблеми и грешки да не ги префрлуваме на целото општество и да ја ставаме државата во залог на она што ние го грешиме. Оттука иако не беше понудено би сакал во мое лично име и во име на колегата Панчо Минов да ве информирам дека се приклучуваме како предлагачи на овој закон“, порача Димовски.

Обвинетите ќе имаат рок од пет дена по стапување на законот во сила да поднесат барање за амнестија. Обвинителството и Судот за пет дена ќе треба да им одговорот дали нивното барање за амнестија е прифатено.

slobodnaevropa.mk

Share.