Собранието ќе има женска соба

0
412

Во Собранието на Република Македонија ќе биде отворена женска соба по примерот на Шведскиот парламент.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на одбележувањето на 15 години од основањето на Клубот на пратеничките во Парламентот рече дека ќе започне со реализација на проект за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и работните тела.
Во изминатите 15 години, Клубот на пратенички иницираше низа законски решенија за постигнување на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивното активно вклучување во процесот на одлучување на државата, како и зајакнувањето и ширењето на демократијата во сите сфери на општеството на Македонија.
Во Собранието на Република Македонија има 45 жени пратенички, односно 39 отсто. Координаторката на Клубот на пратеничките Ѓулумсер Касапи посочи дека Клубот во соработка со Комисијата за еднакви можности иницирале заедничка декларација за поголем број жени во извршната власт и жени градоначалнички. Деталите за оваа инцијатива допрва треба да се уредуваат, но таа има поддршка од пратеничките од сите парламентарни групи.
Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, која како поранешна пратеничка е една од основачките на Клубот, кажа дека уште многу треба да се работи на унапредување на правата на жените.