Собраниска седница за Законот за употреба на јазиците

0
170

Денеска во Собранието треба да се одржи 32 седница на која како осма точка од дневниот ред е третото читање од Законот за употребата на јазиците, со европско знаменце. На оваа седница, според Деловникот, би требало да почне амандманската расправа за законот на кој опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа повеќе од 35 илјади амандмани. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавува присуство на седницата, а претставници на СДСМ и на ДУИ брифираат дека законот до крајот на неделава ќе се донесе без амандманска расправа.

Засега нема информации дали и каков договор е постигнат меѓу пратеничките групи на ДУИ и СДСМ за тоа дали воопшто ќе почне амандманската расправа или ќе се гласа директно за законот. Минатата недела пратениците на СДСМ и ДУИ не постигнаа договор за тоа дали да се отвори расправа за амандамните или не. Тогаш дел од пратениците на СДСМ бараа за амандманите да се расправа без да се крши Деловникот на Собранието.

Парламентарното мнозинство најавува дека ќе го донесе Законот за употреба на јазиците без да ги расправа за амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека тие денеска ќе присуствуваат на седницата и ќе ги бранат амандманите.

Премиерот Зоран Заев деновиве изјавува дека оваа недела законот треба конечно да се донесе. „Чекорите ќе се движат во согласност со демократските процедури и ваквите прашања што ќе ја крепат мултиетничноста на државата, конечно, ќе бидат затворени“, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера изјави дека пратениците ќе се појават во пратеничките клупи на закажаната собраниска седница за расправа за Законот за употреба на јазиците.

„Повикувам на почитување на Деловникот, законите, бидејќи ова не смее да се дозволи, лошо ќе влијае за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница и пред домашната јавност. За последен пат повикувам на разум да се избегне едно девијантно однесување во парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на Деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите и сите оние што ќе го поддржат во таа постапка“, рече Мицкоски.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи вчера од Брисел повтори дека не се сомнева во уставноста на законот, што е оспорувано од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Османи рече дека Владата самоиницијативно ќе го испрати Законот до Венециската комисија за проверка. Според него, блокадите од страна на опозицијата во однос на Законот за употребата на јазиците имаат партиска позадина.

„Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ. Фактот дека даваат 36.000 амандмани од кои 30.000 се за казните – дали ќе биде едно евро, две евра, до 30.000 евра колку да ги покријат амандманите, е со цел физичко спречување на законот, а не за аргументирана дебата за законот. Ние не го носиме овој закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста. Два пати е усвоен од страна на Собранието со мнозинство од 69 пратеници“, рече Османи.

Законот за употреба на јазиците е во трето читање во Собранието, откако тој непотпишан од претседателот на државата Ѓорге Иванов и со низа забелешки беше вратен во Собранието. Врз основа на овие забелешки 35.569 амандмани поднесе само опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за кого законот е неуставен и треба да се повлече.

Не е исклучена и можноста претседателот на Собранието Талат Џафери да ги отфрли амандманите и да се повика на одредбите од собранискиот Деловник, кои предвидуваат дека не може парламентот да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот и да ги отфрли амандманите како неосновани.

mkd.mk