Дојавите за поставени бомби во основни училишта од градот ги испразнија училниците и ја прекинаа претпладневната настава. Наставниците постапиле онака како што им било кажано на координациите кои ги имале изминатите денови со полицијата. Пријавиле в полиција за пристигната електронска дојава за поставени експлозивни направи, ги извадиле учениците надвор од училишните згради и ги известиле родителите дека наставата е прекината.
„На мејл ја добивме дојавата околу 09:45 часот, веднаш постапивме спрема препораките од МВР, од каде изминатите денови бевме повеќе пати информирани и координирани, ја направивме постапката за евакуација према правилата, мирно се е во ред, ги оддалечивме учениците, сите се безбедни. Учениците од претпладневната смена веќе ги пративме дома, училштето е затворено“,рече Предраг Созовски директор на ОУ „Св.Климент Охридски“ од Битола.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек беа антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Пристигна екипата на МВР веднаш отако им јавивме, училиштето е затворено, забранет е влез внатре сега се чека специјална екипа за проверка на бомби, се надеваме дека е лажна и ова е во повеќе училишта во Битола“, рече директорот Созовски.
Електронска дојава за поставена бомба доби и ОУ „Елпида Караманди“. Полицијата беше на терен, учениците заедно со наставниците веќе го имаа напуштено училиштето. Ја добиле дојавата на мејл во 09.43 минути кога во училиштето се одвивала вежба за симулација на евакуација од елементарни непогоди. И во ОУ „Климент Охридски“ и во ОУ „Елпида Караманди“ како што не информираа директорите нема да има настава и во втората смена.
Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.












