Богата програма беше дел од одбележувањето на патрониот празник на ОУ. „Стеван Наумов Стив“, за кој централната манифестација се одржа во Центарот за култура. Со оваа прослава и сите останати активности се одбележаа и два значајни датуми, 103 години од раѓањето и 81 година од смртта на народниот херој Стив Наумов.

Одбележувањето на патронатот започна со конзулскиот бал на учениците, а химната на училиштето ја изведоа заедно Ламбе Алабаковски и професорката по музичко образование Фросина Малаковска.

На присутите им се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
„ Огромна благодарност до учениците кои беа на високо ниво, благодарност до целиот колектив на ОУ ,,Стив Наумов”. Нашето училиште чествуваше патрон празник како што доликува на едно европско училиште“, рече директорот Никола Пискачев, кој истакна дека беа организирани повеќе активности кои се случуваа во текот на целата работна недела.

На патронатот беше присутно и семејството на Стеван Наумов- Стив. Во рамките на одбележувањето на патронатот беше организирана и крводарителска акција во соработка со Црвениот Крст, а донатори биле вработените во основното училиште, но и родители и соработници. Беше одржан и историски час, со положување на цвеќе пред споменикот на Стив Наумов, но и посета на спомен куќата.

На крајот од програмата која ја изведоа ученици од сите одделенија директорот Никола Пискачев и целиот наставен кадар на бината, заедно со учениците извадија транспарент на кој пишуваше “ОУ Стив Наумов“ заслужува спортска сала“.












