ТЕРА

REKLAMA???

СО ВЕРА ВЕЛЈАНОВСКА-БИТОЛСКАТА ГАЗЕЛА

„Газела од Битола“, „Вера Велјановска најдобра“,„Нов рекорд на Вера Велјановска“, „Вера Велјановска-најдобра меѓу најдобрите“, „Вера Велјановска-Олимписка надеж“, ова се само дел од натписите за успесите на најголемата битолска спортска атлетска легенда Вера Велјановска.

Шампионка во трчање на кратки патеки чии рекорди до ден денес во Македонија никој не ги надминал. Во нејзината спортска кариера има освоено седумдесет златни, петнаесет сребрени, и три бронзени медали, една златна плакета и две сребрени плакети, многу пехари, награди и признанија. Се натпреварувала во поранешна Југославија како и во други држави. Прогласена е за спортист на Македонија во 1973 и 1974 година.

Како се роди нејзината љубов кон атлетиката?

„Сосема случајно. Бев ученичка во 7 одделение во ОУ Тодор Ангелевски и тогаш по повод традиционалната ноќна трка за ослободувањетѕо на Битола јас бев учесничка на 400 метри како претставник на училиштето и победив во трката. После трката ми пријде тогашниот тренер Илија Чукалковски и ми објасни дека постои атлетски клуб, а дотогаш јас не ни знаев дека постои атлетски клуб. Така што 1969 година почна мојата атлетска кариера.“, рече Велјановска.

Има направено рекорди што се сѐ уште несоборени. Тие се 7,3 секунди на 60 метри во сала во Букурешт, 7,5 секунди на 60 метри во сала во Сплит, 11,6 секунди на 100 метри на отворено во Букурешт, 200 метри на отворено – 24 секунди во Софија. Вера настапила и била успешна на Европскиот куп во Холандија и на Европското првенство во Дујсбург во Германија..

„ Од тогаш се поминати 53 години и секоја награда има посебно значење. Меѓутоа најдрага да ја наречам тоа е Европското првенство во Германија кога бев шестта тоа ми донесе и спортист на Македонија 1973 година. Има балканијади каде што сум освоила, златни медали и на 100 и на 200 метри, 4 пати по 100, во сениорска и јуниорска конкуренција во тогашна СФР“, вели таа.

Денеска е пензионерка, но и на 68 години сеуште е активна. Тренер е во Атлетскиот клуб „Олимп“ во Битола. Вели има интерес кај младите за атлетика, но немаат услови за одржување на тренинзи.

„Моментално имаме неколку добри атлетичари меѓутоа морам да нагласам дека условите во кои работиме се катастрофални. Зошто? Затоа што прво и основно немаме соблекувални, второ во зимски услови јас и тренерот Демир Даутовски требаше да се снајдуваме каде можиме да ги спремаме нашите атлетичари, затоа што во атлетиката еден ден ако не се тренира тогаш многу се губи, значи треба да има континуиран тренажен процес за да се постигнат одредени резултати. Има интерес треба да нагласиме дека ние сме расадник на деца со таленти, меѓутоа условите се една од врвните пречки и соблекувалните.Најдобрите атлетичари излегле од градот Битола.Пред се треба да се има желба , дел од таа желба треба да има талент , надареност за атлетика, а другото е се труд, работа,дисциплина. Значи редовни тренинзи, да нема отсуство, да нема недај боже повреди во текот на спремањето , тоагш можат да се постигнат многу добри успеси“, вели таа.

Каков беше нејзиниот пат до успехот?

„Мојот пат до успехот беше 80% талент. Иако и тогаш немаше каде да тренираме, трениравме во Градскиот парк, но немаше сакам, несакам, или врни или дожд или снег се тренираше нон стоп без прекин“, вели Велјановска.

Работниот век го помина како наставничка по физичко воспитување. Им порача на младите да бидат повеќе физички активни, а не да седат по цел ден на компјутер или мобилен телефон .

„Децата ако се вратам наназад неколку години беа навистина заинтересирани и навистина сакаа спорт без разлика за што се работи. Меѓутоа сега ова ново време со телефоните и комјутерите децата се се повеќе статични, не сакаат да се движат, не сакаат дури и во природа да излезат да прошетаат. Тоа е голем хендикеп и голема штета и за родителите кои треба да бидат двигатели и да ги насочуваат децата кон спорт. Не е случајно атлетиката наречена кралица на спортовите, зошто? И да играш косшарка, ракомет, фудбал па и гимнастика треба да трчаш и од таму излегува тоа кралица на спортовите, меѓутоа тука ја наоѓам вината и во родителите“, вели таа.

Ја поздрави идејата на Маја Атанасовска за организацијата и одржувањето на првата ноќна женска атлетска трка насловена „Биди Своја“ каде Велјановска беше судија.

За Вера Велјановска има уште многу да се зборува. И во иднина ќе продолжи да ја шири нејзината мисија-младите што повеќе да спортуваат.