ТЕРА

REKLAMA???

СО ГОСТИТЕ ОД СРБИЈА СВЕЧЕНО ОТВОРЕН 5-ТИОТ ПИЈАНОФЕСТ БИТОЛА

Со концертот во Офицерскиот дом на минатогодишниот лауреат на Пијанофест 2022, Лара Арбајтер од Србија, како и Маргарита Вујовиќ на пијано и Анастасија Холц – сопран, исто така од Србија, свечено беше отворено 5-то издание на меѓународниот натпревар по пијано, пијано дуо и соло пеење “Пијанофест 2023”. Овие денови во Битола ќе биде празник на музиката.

Приказната започна во 2019 та година, со 80 учесници од повеќе земји, а оваа година таа бројка се искачи на 120 од 8 земји: Србија, Македонија, Албанија, Ерменија, Косово, Полска, Хрватска и Бугарија. Натпреварот е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози Пијано од Битола, чии основачи се професорките Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска.

Се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија и општина Битола. Пијанофест се одржува во соработка со Културно Информативниот центар – Битола, а  поддржувач на натпреварот е и Државното музичко училиште од Битола.

Во прекрасната сала на Офицерскиот дом, публиката уживаше во концертот на гостинките од Србија, а истиот го отвори заменик градоначалникот на општина Битола Бојан Бојкоски.

Натпреварувачите на Пијанофест оваа година ќе ги оценува меѓународна жири комисија.

Учесниците на 5-то издание на Пијанофест ќе се  натпреваруваат во дисциплините пијано соло и пијано дуо. Оваа година Пијанофест освен овие дисциплини е збогатен со уште една – соло пеење. Учесниците се поделени во категории од 6 години па нагоре, според возраста и тоа во 8 категории во дисциплината пијано и 6 категории во категоријата соло пеење.