ТЕРА

REKLAMA???

СО ДВА КОНЦЕРТА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ЈА ЗАОКРУЖИ 2023

Македонската филхармонија 2023 ја заокружи со двата новогодишни концерта, кои беа распродадени уште пред неколку недели. Премиерно беше изведен новогодишниот концерт за деца „Девојчето со книгите“, кој го водеше маестро Дијана Имери-Илкоска, а актерка беше Симона Спировска.

Оркестарот на Македонската филхармонија го одржа традиционалниот новогодишен концерт „Одбројуваме“, кој го водеше диригентот Алфонсо Скарано од Италија, а како солистка  настапи сопранистката Наде Талевска. На програмата беа дела од Чајковски, Хименез, Пучини, Моцарт, Сен-Санс и безвременскиот Штраус.

Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано моментално е во својата седма сезона како главен диригент на Тајландската филхармонија, откако беше гостин-диригент шест последователни сезони од 2011/2012 година.

Веќе 13 години Алфонсо Скарано обликуваше непогрешлива звучна култура како диригент на оваа филхармонија.

Оперската уметница Нада Талевска-Спасовска сигурно чекори на оперската сцена во Македонија. Со изразит вокален и сценски израз, таа полека, но сигурно се наметна како еден од најнадежните оперски солисти. Талевска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Муратовска – Наумовска, и во текот на своите студентски денови бележи многубројни настапи и учества на семинари и натпревари, каде се стекнува со награди и признанија.

Носител е на главни улоги како насловната Лучиа во “Лучиа од Ламермур”, Виолета во “Травијата”, Олимпија во “Хофмановите приказни”, Музета во “Боеми” и т.н. Настапува на многубројни концерти и опери како во земјава, така и на интернационално ниво.

2023 Филхармонијата ја испрати со прекрасната музика од славните класични композитори и со сосема нова новогодишна бајка за деца, која е инспирирана од познатата бајка ‘Девојчето со кибритчињата’ од Ханс Кристијан Андерсен.
Ова е приказна што нѐ потсетува на среќата, на убавината и добрината, но и на тагата и на несреќата. Всушност, зборува за сите оние работи за кои треба да бидеме свесни, а особено за хуманоста – да помагаме, да бидеме благородни и доблесни.