Со концерт на д-р Неле Карајлиќ, в четврток почнува Таксират 20

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Официјалната музичка програма на ТАКСИРАТ #20, оваа зима ќе започне во четврток, 29-ти ноември со концертот на Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ, сејугословенската легенда од „Забрањено Пушење” и „Топ листа надреалиста”. Оваа година, Д-р Неле се врати на сцена со спектакуларен концерт кој го одржа пред повеќе од 40.000 посетители во Белград, а на наше огромно задоволство, му посакуваме добредојде и во Скопје, и тоа по повеќе од 20 години од неговото последно концертно гостување пред македонската публика. Концертот кој ќе се одржи во Младински Културен Центар, тој го најавува како своевидно „патување низ времето” на коешто го претставува „целокупниот Неле” и оној од „Забрањено пушење” и оној од бендот „No smoking orchestra” и некои нови остварувања.

Билетите во претпродажба се достапни во продажната мрежа на МкТикетс по цена од 500 денари, а на денот на концертот, на билетарницата во МКЦ – Скопје, нивната цена ќе биде 700 денари.

Денеска легендарниот Д-р Неле Карајлиќ, роден во Сараево во 1962 година како Ненад Јанковиќ, е мултимедијален уметник кој се бави со музика, филм, телевизија, театар и книжевност. Во раните 80-ти години ја оформува групата „Забрањено пушење”, која многу бргу станува сејугословенски феномен. Во исто време работи во Радио Сараево, подоцна и на Телевизија со сатирично-хумористичната емисија „Топ-листа Надреалиста”, која остава длабока трага на целокупниот југословенски медиумски простор.

На почетокот на војната во поранешна Југославија се сели во Белград каде што ја продолжува работата со групата „Забрањено пушење” со која објавува уште еден албум „Ја нисам одавле”, од кој песната „Жени нам се Вукота” во изборот на некои ТВ станици беше прогласена и за хит на 20-тиот век. За Радио Телевизија Србија во 1996-та година ја снима и хумористичната серија „Сложни браќа”. Година дена подоцна, д-р Неле Крајлиќ соработува со филмскиот режисер и поранешен басист на „Забрањено пушење” – Емир Кустурица – на саундтракот за филмот „Црна мачка, бел мачор” од кој произлегува идејата за оформување на групата „The No Smoking Orchestra”. Групата станува светски призната и настапува во сите поголеми градови во светот. Д-р Неле Крајлиќ членува во групата The No smoking Orchestra сѐ до 2011-та година. Во престижната опера „Басиља” во Париз, пишува либрето и игра во панк-операта „Дом за бесење” во режија на Емир Кустурица. Во 2013-та година работи на хумористично-сатиричната ТВ серија „Надреална телевизија”, а само година подоцна го објавува и својот прв роман „Фајронт во Сараево”, кој станува бестселер не само во Србија туку и во целиот регион. Во 2016-та година на 160-годишнината од раѓањето на Никола Тесла во Сава центар во Белград и Српскиот народен театар во Нови Сад, го поставува мултимедијалниот спектакл „FBI Досие Тесла”.

Share.