Со Литија низ улиците, Битола го прослави својот патрон, Свети Нектариј Битолски

0
2647

Со литија низ улиците на Битола, битолчани денес го одбележаа празникот посветен на заштитникот на градот Битола, Преподобен Свети Нектариј Битолски. Литијата со моштите на Свети Агатангел Битолски започна после Божествената Литургија од дворот на храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ покрај Градската Библиотека, преку Широк Сокак, до плоштадот Магнолија и повторно во храмот.

Свети Нектариј Битолски како патрон на градот Битола организирано се прославува од 2008 година од страна на Општина Битола и Преспанско-пелагониската епархија. Одлуката за прогласување на Свети Нектариј Битолски за заштитник на градот е донесена од страна на Советот на општина Битола во 2008 година и од тогаш, секоја година традиционално со низа програмски активности се одбележува 18. декември денот на светецот заштитник.

Денешниот празник на битолчани им го честитаа Владиката Петар и градоначалничката  на Битола, Наташа Петровска упатувајќи пораки до сите.

-Господ не удостои и оваа година да го прославиме овој голем и спасоносен празник кој денес и утре го славиме, од вечер започнува богослужбеното празнување. Патронот на Битола, Преподобниот отец наш Нектариј Битолски, како ѕвезда зороносна, Атос го има просветлено овој Божји угодник и сите оние кои го прославуваат тој за нив се моли, го славиме Бога што го просветлил и во тој дух денеска се чувствува цела Битола, радосна, духовно пред се заради покровителот нејзин, битолскиот градоначалник над сите градоначалници, така може да го кажеме на кој треба да се угледаат сите градоначалници на Битола. Имаме големо задоволство, храмот беше полн, литијата беше со мноштво присутни кои беа дел од прекрасната поворка. Особено радува фактот што младите, дечињата беа вклучени во прославата, рече денеска митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско новозеландски г. Петар после завршувањето на литијата.

-Денес е голем празник за православните христијани, денеска е патронот и заштитникот на нашиот град, празникот на Свети Нектариј, убава прилика да се потсетиме уште еднаш дека верата, надежта и љубовта треба да бидат нераскинлив дел од нашето секојдневние. Во тоа име им посочувам на сите мои сограѓани, независно од нивната национална припадност, да си помагаме едни на други, да шириме љубов едни кон други затоа што во суштина минливоста на овдешното постење налужува дека е безвредна секоја друга димензија на живеење, изјави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Вечерва во Народниот театар во Битола традиционално ќе се одржи Свечената академија по повод чествувањето на Патронот на градот Битола Св. Нектариј Битолски која содржи пригодна програма.