Со новиот закон ќе се преполови бројот на продавачи во битолскиот пазар

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Групацијата на пазари е за целосно укинување или одлагање на законот за пазари.Сите заинтересирани страни да седнат на заедничка маса, да разговараат, со цел да се изнајде решение од кое ќе имаат корист сите, вели првиот човек на ЈП „Пазари“ од Битола, Владо Атанасовски.

-Групацијата на пазари е за целосно укинување или одлагање на законот, така што во заеднички разговор сите засегнати страни како предлагачите на законот, претставниците од Стопанската комора, пазарџиите, претставници од министерството за економија,  да седнеме и да најдеме заедничко решение прифатливо за сите. Групацијата е со став  сите да  можаат да продаваат на пазарите, рече Владо Атанасовски, директор на ЈП „Пазари“-Битола.


Доколку сега стапи на сила законот за пазари тезгаџиите ќе бидат принудени да ги откажат своите тезги. До 31 декември минатата година договори се склучени со 562 тезгаџии во двата пазари во Битола, и во реонскиот и во градскиот пазар.Според Атанасовски, доколку законот стапи на сила повеќе од половина од тезгаџиите нема да направат договори за закуп

-Градскиот и реонскиот пазар во Битола располагаат со 702 тезги. До 2018 година договори има направено со 562 тезги. Слободни тезги има 140. Во последниот период опаѓа интересот за закуп на тезги. Со новиот закон условите за закуп на тезга кои што треба да се исполнат се само 243 тезги, што значи повеќе од 50% не ги исполнуваат условите. Колку од тие 243 тезгаџии ќе направат договори или колку ќе земат лиценци, неможам да ви кажам. Досега ниту една лиценца нема издадено, вели Атанасовски.

Новиот закон, ги обврзува пазарџиите да плаќаат годишна лиценца за работа од 60 евра. А пензионерите и вработените воопшто не може да закупат тезга.За да може да се продава на тезга на пазарите потребно е да се исполнат повеќе услови.

-Со новиот закон секој онај кој што ќе продава на зелените пазари треба да има лиценца која што изнесува 60 евра за една тезга, а секоја дополнителна тезга се доплаќа плус 40 евра. Лиценцата се издава на лице и на тезга. Доколку се двајца сопружници тогаш треба двата да имаат лиценци. Освен овие трошоци тезгаџијата треба да плати пензиско и здравствено осигурување, плус чланарина во комората, плус административни трошоци за комората. За изнајмување на тезгата треба да си плати во ЈП „Пазари“ и персоначлен данок во УЈП, вели Атанасовски.

Ние сме за регулирање на зелените пазари, но не на ваков начин, дециден е првиот човек на ЈП Пазари од Битола .

Share.