Со „Пејзажна стилизација“ почнаа Илинденските денови

40 уметнички дела на битолскиот уметник Панде Петровски се претставени на изложбата „Пејзажна стилизација“, работени во акрил на платно во годината на пандемија.

Изложба за отворена ја прогласи градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска со што и формално се одржа првиот културен настан во рамки на годинешниот фестивал „Илинденски денови“, а уметникот во знак на благодарност за континуираната поддршка и подари изработена фотографија од овој циклус.

„Оваа летна вечер е чувство на посебност, но и кога имате ваков ликовен уметник, ваков автор во својот град – исто така тоа е чувство на посебност. Прекрасни се уметничките дела на Петровски и не се сомневам дека ќе приреди нови’, рече градоначалничката Петровска во културниот центар „Магаза“ во Битола.

„Корона периодот го победив со четка, боја и со пренесување на мотиви од предели кои сум ги видел и длабоко меморирал“, истакна авторот Панде Петровски.

За значењето на изложбата и придонесот во фестивалот „Илинденски денови“ говореше м-р Валентин Соклевски кој нагласи дека Панде Петровски е човек кој во континуитет остава трага во уметноста, во ликовната педагогија, во фолклорната традиција.

Сподели