Со повеќе настани ќе биде одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна годинава ќе биде одбележана со низа случувања во спомен на овој трагичен настан, во организација на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Дводневната комеморативна програма ќе започне во недела, 11 март со прием кај градоначалничката на Битола со почеток во 9:30 часот. Во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Eвреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара. Владина делегација предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, во придружба на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и државниот секретар од министерство за надворешни работи, Виктор Димовски, ќе се придружат на комеморативните активности во Битола. Во 12:00 часот ќе започне симболичниот марш на живите од пред платото на ЈЗУ Хаим Абраванел до железничкатa станица каде симболично ќе се одбележи „свеченото збогување“. Во 13:50 на еврејските гробишта ќе се одржи молитва (кадиш) и отворање на Ерусалимската патека. Со отворањето на изложбата „Дипломати праведници помеѓу народите“ во 15:15 часот во Музејот на град Битола ќе завршат комеморативните активности во Битола.

Прием по повод одбележувањето на холокаустот на македoнските Евреи ќе одржи и градоначалникот на Штип каде што е предвидена и комеморативна програма во спомен на депортираните Евреи од овој град. Во 11:15 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикoт на депортираните Евреи од Штип, а во 12:15 часот ќе биде положено и свежо цвеќе на еврејските гробишта во Штип. Владина делегација предводена од министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар од министерството за здравство Владо Милошев и ќе присуствуваат на настанот.

Истиот ден во Скопје, во 10:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната борба (НОБ), на што ќе се придружи владина делегација предводена од министерка задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и заменик министерот локална самоуправа, Дејан Павлески.

Вечерта во Македонската филхармонија во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи комеморативна вечер со концерт од отворен тип. На настанот ќе се обратат Претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов, заменик министерот за одбрана на Државата Израел, г. Ели Бен Дахан, претставникот на Американски еврејски комитет и претставник на ОБСЕ претседавачот за борба против антисемитизам, рабин Ендру Бејкер, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија г-ѓа, Берта Романо Николиќ.

Комеморативната програма продолжува на 12. март во Скопје со симболичниот „марш на живите“, кој ќе почне од Музеј на Град Скопје од 08:45 часот и ќе заврши во Империал Тобако ТКС (бивш Монопол), од каде што биле депортирани македонските Евреи. По положување на свежо цвеќе на споменикот на 7144 македонски Евреи во 10:30 часот, ќе се обратат Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, Претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Македонија, г-ѓа. Берта Романо Николиќ.
По маршот делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, каде од 11:30 часот е предвидена да започне комеморативна седница.

На настаните кои се дел од комеморативната програма дополнително ќе присуствуваат странски државни делегации и високи државни претставници на земјите од соседството, домашни претставници на институциите на локално и национално ниво, како и претставници на заедниците на Евреите од Македонија и други земји.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10. и 11. март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22. март 1943 година, а до 29. март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.

Овој месец во пресрет на комеморацијата, на 5 март 2018 година, Собранието на Република Македонија ја усвои Декларацијата посветена на 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, додека ден подоцна, на 6 март, Владата на Република Македонија ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам, соопшти владата на Македонија.

Share.