Според МОН стабилна е состојбата во училиштата

Од Министерството за образование велат дека состојбата со Ковид-19 во училиштата е стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции. Според последниот пресек на Министерството за образование и наука добиен од училиштата, околу 0,02% од вкупно 240 илјади ученици на ниво на држава се новозаразени случаи на Ковид 19, истиот процент е и кај наставниците. Од почетокот на учебната година до сега активни случаи од учениците биле 0,2%. Дел од нив се веќе негативни и вратени на училиште, а дел се уште се во изолација.

Што се однесува на деталните податоци, нив ги поседуваат надлежните здравствени служби кои ги издаваат решенијата за изолација.

Тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата. При појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите.

МОН апелира на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, бидејќи само на тој начин ќе ја одржиме наставата со физичко присуство во училница, која е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива.

 

Сподели