Спортот во 2017: Купот на фудбалерите на Пелистер е настанот на годината

0
459

2027 година сигурно во нашиот град ќе се памети во колективниот скок и успесите на фудбалерите и ракометарите. Оваа година со сигурност е една од најдобрите во последната деценија.

Главниот акцент на годината е подвигот на ФК Пелистер, кој го освои Купот на Македонија по вторпат во својата историја. На 17 мај во Струмица беше совладана фаворизираната Шкендија по изведување на пенали со 4-3, откако натпреварот во 120 минути заврши без голови. Јунак беше Петровски, кој го одбрани ударот на Абдурахими, а Баже Илијоски го постигна последниот пенал во петтата серија. Во Битола долго се славеше, а покрај Куп титулата на екипата водена од Наџи Шенсои, Европа беше потврдена и со солидното четврто место во шампионатот. Одлична сезона за екипа која во 2016 година од Втората, влезе во Првата лига.

Проблемите настанаа кога почна новата сезона и откако Пелистер со два порази од поквалитетниот Лех Познањ, беше елиминиран од квалификациите на Лига Европа. Шенсои си замина и на негово место дојде Срѓан Захариевски. Пелистерци добро ја почнаа сезоната, освоија седум бода во првите три кола, но потоа започнаа административните проблеми, доцнењето на плати и екипата „потона“ на табелата. Захариевски си поднесе оставка и екипата, полусезоната ја заврши со Спасе Ристевски на клупата. Битолчани презимија како осмопласирани со егзодус на 70% од екипата и многу грижи за следната пролет. Оваа полусезона единствена светла точка е Купот на Македонија, каде пелистерци како бранители, обезбедија полуфинале напролет.

Двата ракометни клуба Пелистер и Еурофарм Работник имаа по една позитивна и една негативна половина од 2017 година. „Фармацевтите“ во својата прва сезона во Суперлигата обезбедија место во Челинџ Купот и играат финале на Купот на Македонија. Екипата водена од Андон Бошковски за првпат играше и во Суперкупот на Македонија против недопирливиот Вардар. Подоцна следеше тренерска смена, дојде Илија Темелковски и Еурофарм Работник ги забележа првите европски победи, против литванскиот Гранитас Каунас. Младиот клуб, силно поддржуван од Силјан Мицевски, во 2018 година ќе се обиде да испише историја, ако го мине норвешкиот Берген во осминафиналето на Челинџ Купот.

Пелистер во ерата на Каменица одигра лош плеј-оф, не се избори за место во Евро-куповите и дојде Стевче Алушовски. Во новата сезона и покрај финансиските проблеми, пелистерци станаа есенски прваци, загубија само еден натпревар и освоија многу симпатии. На крајот од годината дојде новиот управен одбор, Васко Ковачевски беше назначен за нов претседател, а Златко Димитровски е новиот спортски директор. Клубот ветува 2018 година на успеси и навраќање на деведесеттите години од минатиот век.

Чудото на 2017 година го направија ракометарките на Пелистер, кои сензационално презимија на второто место. Само европскиот вицешампион ЖРК Вардар имаше подобра полусезона од девојките на Викторија Мугровска, кои ветуваат излез во Европа следната година.

Кошаркарскиот клуб Пелистер по административен пат се врати во Првата лига и според најавите ќе се бори за опстанок во елитата. Најавени се промени во сите структури на клубот за да се подобри ефектот од само две победи оваа есен. Тренерот Зоран Петковски очекува и некое засилување за напролет пелистерци да го направат потребниот исчекор. Кошаркарките на Пелистер со најмлад тим во Првата лига играат солиден прв дел од не многу интересниот шампионат на Македонија за жени.

Одлична година зад себе оставија кугларите на Хераклеа, направени се максимални обиди за враќање на шахот во Битола, па во тој правец се одржа симултанката на велемајсторот Богдановски и турнирот за млади категории во декември. Академијата „За-нед-до“ и годинава се врати со десетици одличја од меѓународните натпревари, а кошаркарскиот клуб Младост организираше уште еден успешен Велигденски турнир. Боксерите од БК Пелистер и БК Битола имаа успешна година и донесоа многу одличја, исто како и бодибилдерите од нашиот град.