Спортската сала во Битола ќе го носи името на ракометната легенда Боро Чурлевски

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По името на ракометната легенда Боро Чурлевски, кој прерано почина, е преименувана Спортската сала ,,Младост” во Битола. Владеачкото мнозинство во Советот преку Комисијата за спорт како точка на дневен ред ја предложи иницијативата Спортската сала да добие ново име според битолски ракометар познат во бившите југословенски простори и Европа. Иницијативата предложена од Методија Илиевски, координатор на советничката група од СДСМ, едногласно беше изгласана од власта и опозицијата.

Чурлевски кариерата како играч ја почнал во Пелистер во 1984 година со кој 3 пати ја освојуваше вице-шампионската титула во СФРЈ во периодот помеѓу 1984 и 1990 година. Играше и за Црвенка, Тутунски комбинат од Прилеп, Борец од Велес, грчки Килкис, а кариерата ја заврши во црногорскиот тим Ловќен.

Настапуваше и за националниот тим на поранешна Југославија, освојувајќи бронзен медал на Светското првенство во Романија 1987. Со македонската ракометна репрезентација учествуваше на ЕП во Италија во 1998 и СП во Египет наредната година.

Последен негов ангажман беше на позицијата тренер на РК Прилеп.

Чурлевски почина во 2014 година.

Share.