Србија започна да ја произведува вакцината „Спутинк V“

Во институтот Торлак во Белград започна со производство на руската вакцина против ковид „Спутник V“, информираше рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ).

Според рускиот фонд, Србија со ова стана првата земја во јужна Европа што произведува „Спутник V“.

Производството на вакцината во Србија ги задоволува највисоките стандарди во производството на вакцини, се наведува на веб-страницата на РДИФ.

Вакцината, додаваат тие, подоцна може да почне да се извезува во другите земји во регионот.

До денес, „Спутник V“ е регистриран во 60 земји во светот со вкупно население од три милијарди луѓе, соопшти Фондот, додавајќи дека ефикасноста на вакцината е 91,6%, „како што беше потврдено од податоците објавени во Лансет, едно од најстарите и најценети медицински списанија во светот“.

Српскиот министер Ненад Поповиќ, на својот Твитер профил објави дека денес е извршено првото полнење на вакцината „Спутник Ви“ во Торлак.

Сподели