Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети денеска се сретнаа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што разговарале за актуелната политичка ситуација.
„Со Али Ахмети имавме конструктивна средба, на која што разговаравме за актуелните политички и економски прашања. Се надевам дека во иднина ваквите средби ќе станат почести“ изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Ние сме ориентирани кон ЕУ и НАТО интеграциите и ќе придонесеме кон поквалитетни реформи“ рече Мицкоски.
Во врска со Законот за употреба на јазиците, Мицкоски истакна дека ова не биле преговори, туку само ги аргументирале позициите.
„Поради математички и политички причини не можеме да учествуваме во работата на Собранието. Математичката е поради тоа што 12 отсто од пратениците ни се во притвор, а политичката е поради сериозното нарушување на демократскиот амбиент во Македонија“ рече Мицкоски.
Али Ахмети истакна дека ова не било средба за договорање за Законот за употреба на јазиците.
„ Му го честитав изборот на Мицкоски и на конструктивен начин разменивме мислења“ рече Ахмети и додаде дека комуникацијата треба да продолжи и во иднина за напредокот на државата.
a1on.mk