Средба на Иванов со Могерини

0
318

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-а Федерика Могерини, висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија.

На средбата беа разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.

Претседателот Иванов ја поздрави обновената препорака на Европската Комисија за отворање на пристапни преговори со Република Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

Двајцата соговорници констатираа дека доследното и заедничко придонесување во исполнувањето на реформските процеси, од страна на сите чинители во државата, ќе придонесе за европската иднина на Република Македонија.

Претседателот Иванов порача дека позитивната препорака за отворање на пристапни преговори за Република Македонија и за Република Албанија, има охрабрувачко влијание за кредибилноста на ЕУ и перспективата на целиот регион.

Имајќи ја предвид позитивната реторика од страна на лидерите од земјите од регионот за напредокот на секоја од другите земји од Западен Балкан, г-га Могерини истакна дека за прв пат овој процес на проширување се фокусира на оригиналната идеја на Европската Унија, а тоа е мирот.

На средбата претседателот Иванов и високиот претставник на Европската Унија, г-а Могерини, разменија мислења и во однос на тековните разговори за прашањето за разликата околу името“ стои во соопштението од кабинетото на претседателот Иванов.