Средба на премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски

0
609

Премиерот Зоран Заев на средбата со Христијан Мицковски му го достави договорот за решение за спорот којшто Република Грција го имаше со Република Македонија.

Премиерот Заев на кусата средба потенцираше дека како одговорни политичари, во дадениот момент имаме обврска да им овозможиме на граѓаните на Република Македонија да го остварат  деморкатското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот.

Повеќе од 25 години, колку што е активен овој спор, граѓаните немаа прилика да видат ниту решение, ниту да се изјаснат.

Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакна премиерот Заев, јасно посочувајќи му на Мицковски дека и тие како опозиција треба да  овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум.

Референдумот е консензус меѓу ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад, рече Заев, и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина и никој нема право да ги спречува  во тоа.

Премиерот Заев ја упати пораката дека  политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, соопштија од Владата.

По денешната средба со премиерот, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека неговото мислење и мислењето на партијата по однос на договорот со Грција, не само што не е променето, туку и повеќе зацврстено.

Тој рече дека го добил договорот од премиерот и дека во следниот период очекува поширока консултација. Мицкоски смета дека во процесот на консултација треба да учествуваат и двете најголеми верски заедници, МПЦ и ИВЦ.

-Немаше нови моменти кои можевме со премиерот еден на друг да си ги кажеме. Побарав средба за да го добијам договорот, откако ќе го анализираме внатре партиски со сите партиски органи, ќе повикаме консултации со МПЦ, ИВЗ и МАНУ, со овој договор можеби МАНУ нема да го има истото име туку ќе треба да се смени. Сакаме консултаци и со други општествени групи во Република Македонија, би сакале поширок дијапазон на мислења – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повтори дека ова е договор за капитулација на Македонија.

-Некој не доведе во незавидна ситуација, нас, Република Македонија и граѓаните така што си го приватизираше и монополизираше овој процес и не стави пред свршен чин. Ќе ги искористиме сите демократски и законски механизми кои ни стојат на располагање – рече Мицкоски.