Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во април изнесувале 49.384 денари. Најмногу пари или 19.224 денари биле потребни за храна и пијалоци, како и за режиски трошоци (13.423 денари).

Од Сојузот на синдикати на Македонија, кои ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка, велат дека еден функционер со неговата плата покрива три синдикални минимални кошнички, а еден работник со две и пол минимални плати не може да ја покрие потрошувачката кошничка.
И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалоци за само една година се зголемени за 2.766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалоци во делот на Синдикалната минимална кошница што покажува дека функционерите си го гледаат само нивниот интерес и знаејќи го овој факт си ги зголемија нивните плати за 2000 денари дневно или за 78 проценти месечно, велат од ССМ.

Благ пад на инфлацијата бележи Државниот завод за статистика, но таа и натаму останува двоцифрена, односно за април изнасува 13% .Министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен со пад од два проценти во однос на март, и вели мерките дале резултати.
„Имаме намалување на инфлацијата во април на 13 проценти и ако се споредува со тоа колку беше во октомври, кога и почна поголемиот удар во делот на цените, ќе приметиме дека имаме речиси 7% намалување на инфлацијата во државата“, вели Бектеши.
Тој смета дека трендот на намалување на инфлацијата ќе продолжи, а ако не се случи нешто непредвидливо, очекува во јуни таа да биде под пет отсто.
„Иако од октомври до март, разликата меѓу месеците во делот на трошоците за живот на цени на мало, посебно на храната и безалкохолните пијалоци се одвиваше од околу два отсто, само споредбено од март и април оваа година, имаме речиси повеќе од двојно намалување споредбено со другите месеци. Имаме намалување само за еден месец од 5,2 отсто во делот на трошоците на живот на мало за храна и безалкохолни пијалоци“, вели Бектеши.
Само од октомври 2022 до крајот на април годинава забележано е намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што според министерот, е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во државата.

Според Државниот завод за статистика, намалување на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 6.5 %, овошјето за 3.2 %, млекото за 3.4 %, сирењето и урдата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.5 %, лебот и житата, прехранбените производи за 0.4 % и пивото за 0.3 %.
Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 8.1 %, зеленчукот, освен компирите и другите коренести плодови за 2.0 %, месото за 1.4 %, виното за 1.2 %, кафето, чајот, какаото за 0.5 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0.4 %, рибата и морските плодови за 0.2 %.












