„Старото е ново“ е мотото на годинешните „Илинденски денови“

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој е воспоставен во 1971 година оваа година ќе го има своето 51-во издание.

Оваа година фестивалот се реализира со мотото: „… СТАРОТО Е НОВО“ – “THE OLD IS NEW”

Тој е единствен фестивал од Македонија кој поседува сертификат и е званичен член на Меѓународната асоцијација на фолклорни фестивали CIOFF – International Council of Organizations of Folklore Festivals, која ги спроведува целите и програмите на УНЕСКО (UNESCO).

Основната мисија на фестивалот е заштита, промоција и афирмација на духовното и материјалното културно наследство претставено преку традиционалната музика, игри, песни,
обичаи, обреди, носија, инструменти, ракотворби и друго.

Во изминатите 50 години, покрај групите и ансамблите од Македонија, на фестивалот зеле учество 185 фолклорни групи и ансамбли од 34  држави од целиот свет и тоа од: Австралија, Англија, Белгија, Босна и
Херцеговина, Бразил, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Израел, Индија, Јапонија, Канада, Мексико, Молдавија, Норвешка, Полска, Романија, Русија, Северен Кипар, Словенија,
Србија, Турција, Унгарија, УСА, Франција, Холандија, Хрватска, Црна Гора, Чехословачка, Чиле, Чешка, Шведска, Шпанија.

Оваа година во периодот од 20 до 30 јули ќе се одржи 51-то издание на фестивалот. На фестивалот е планирано да земат учество 27 ансамбли од Америка, Русија, Хрватска, Србија, Албанија, Грција и Македонија.

Официјалната фестивалска програма ќе биде отворена на 26 јули 2021 година со концерт на државните ансамбли на Македонија и Хрватска, Ансамблот „Танец“ од Скопје и Ансамблот „Ладо“ од Загреб во театарот на древната Хераклеја.

Во рамките на фестивалот предвидени се официјални фестивалски вечери со
презентации од сите ансамбли кои се учесници, како и придружни манифестации и тоа: концерти, дефилеа, улични перформанси, изложби, едукативни работилници за везење и
ткаење, семинар за традиционална музика и игра, ликовни работилници, вокално инструментални презентации, средби со граѓани, гостувања во други градови, институции и слично.

Се очекува фестивалот да го проследи и Претседателот на Светската организација на фестивали.

Сподели